Вера Мештеровиќ за стилот и убавината: „Одам на масажа двапати неделно, и во зима користам SPF50“
Нега на лицето и телото
Дневната рутина во однос на негата на лицето и телото е некако задолжителна, особено во овие години откога работам на телевизија и секојдневно користам шминка.
Кога, пак, не сум на телевизија, избегнувам шминка, освен малку маскара на очите и сјај на устата.
Јас имам сува кожа и навистина морам да обрнам многу внимание за нејзината нега.
Се трудам еднаш неделно да одам на козметички третман, за малку подлабоко да ми направат хидратација.
Секоја вечер, пак ја чистам кожата темелно, правам пилинг, па нанесувам серум и потоа ноќен крем.
Преку ден задолжително ставам крем со заштитен фактор 50, без ова не излегувам од дома.
Пред да се шминкам, пак, ставам похидрантни подлоги (креми или серуми) за да ми ја задржат влажноста на кожата, бидејќи шминката не ја носам по час-два, туку некогаш и по 12 часа.
Во периодот кога станав мајка и во следните 10-ина години додека се грижев за нив, бев дома и повлечена од јавноста, не користев често шминка и тоа беше вистински одмор за мојата кожа.
Иако одам на козметички третмани, знам да си направам сама домашна маска со маслиново масло, кокосово масло, авокадо, мед, лимон, банана и слично.
Сè што сум прочитала и ми било интересно - сум го направила. И морам да кажам дека многу од овие природни маски делуваат.
Преку лето знам да направам пилинг на целото тело, па да го измачкам со кокосово или маслиново масло и да го оставам подолго време на кожата за да ја хидрирам на тој начин.
Ги сакам тие домашни спа третмани и ритуали.
Инаку, одам и на масажи, особено за грбот, зашто долгото седење ми предизвикува болки во грбот, па на овој начин се опуштам.
На масажи одам и по двапати неделно, ова ми е време за мене, за релаксирање.


Начин на исхрана
Јас сум гурман и навистина ја сакам храната, особено медитеранската. Долго време не внимавав на исхраната, но во последно време морам, зашто ми се појави интолеранција на лактоза, на глутен.
Тие ми создаваа чувство на надуеност, тешкотии, па се трудам да ги избегнувам и да користам намирници кои не ги содржат. Избегнувам и бел шеќер и црвено месо.
Сакам многу овошје, риба, зеленчук, и да можам секој ден би јадела риба, иако, и тоа викаат дека не е многу здраво ако се претера.
Омилена храна ми е морска - риба, октопод, школки, без разлика на кој начин и да се подготвени.
Инаку, и сама си ги подготвувам сите овие јадења дома, а знам да зготвам и традиционални јадења.
Син ми, на пример, обожава тава ориз со пилешко, додека ќерка ми преферира печени компири со пилешко, иако и двајцата сакаат риба.


Спортување и фитнес
Тренирам од мали нозе, одев во балетско училиште уште во основно, но останав спортски активна и во средно.
Одев на кошарка, во игроорна, планинарев, тренирав пилатес, кик бокс, аеробик, тенис - имам доста менувано низ годините.
Сега одам на електро мускулни стимулации и во тертана, во различни денови.
На пролет и есен одам на Водно, ја сакам планината, а сакам и да пешачам, па тоа може да е на кеј на Вардар.


©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
