Владимир Дончевски: „Жена ми се породи додека јас лежев на смртна постела на Карил и бев во кома 21 ден“
- Детали
- среда, 09 јули 2025
„Пред несреќата неколку месеци и после несреќата имам дупка во помнењето - не се сеќавам на ништо, само знам дека пред да појдам на фудбал, излегла сопругата на тераса и сум ја бакнал во стомак“, вели Владимир Дончевски (37) од Скопје за најтешкиот миг во неговиот живот, но и како денес е среќен што сето тоа е зад него и води активен животен стил.

Владимир Дончевски (37), дипломиран дефендолог по безбедност од Скопје, веќе 11 години е во брак, сопругата му е дипломиран физиотерапевт, а ќерката од септември ќе започне во шесто одделение.
Влатче, како што вели дека го викаат другарите, пред 11 години имал немил настан. Возејќи велосипед на автопат, бил удрен од автомобил и потоа бил 21 ден во кома.
Токму во тој период се породила неговата сопруга и добил ќерка. До денес вели дека најголема мака му е што го пропуштил нејзиното раѓање, но сепак е благодарен што преживеал и ја има можноста да ја гледа како расте.

Денес, 11 години по несреќата Влатче се чувствува одлично, вози велосипед, планинари и води активен животен стил, без последици од тоа што бил во кома.

Неговата животна приказна ја споделува за CRNOBELO.com:
„Бев во кома 21 ден, како резултат на сообраќајка јас бев со велосипед, а ме удри автомобил како резултат на моето возење велосипед на автопат.

Животни настани кои ги пропуштив во тој период е раѓањето на мојата ќерка и за тоа ми е највеќе мака, ама битно останав жив и здрав ден денес да си ја растам, таа е срце на тато.

Мојата сопруга излезе многу храбра жена од овие немили настани.
Се породи во период кога јас лежев на смртна постела на Карил (Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување), меѓутоа сè излезе како што треба фала му на Бога.

Ќерката едноставно ми го скрои вториот живот, без неа не можам да го замислам животот, бидејќи јас иако имав сообраќајка со велосипед, до ден денешен возам велосипед правам турички до Велес, Катланово, Матка, искачувам врвови пешачејќи...
Тоа ми е последица на тоа што бев професионален фудбалер и после сообраќајката веќе не смеам да играм фудбал и се посветив на планинарење и возење велосипед.

