Инспиративната приказна за Леон (3) од Скопје и неговите дедовци - со едниот спортува, со другиот оди на фризер и чај
- Детали
- четврток, 10 јули 2025
Игрите со дедо се лекции за цел живот, а врската дедо-внук е нераскинлива. Леон (3) е момче од Скопје кое ја има среќата да расте покрај двајцата дедовци и да впива приказни и искуства од нив. „Секој дедо му ја пренесува на Леон својата јака страна, дедо Кире, спортски дух и топла насмевка, дедо Зоки, мудрост и приказни од светот“, споделува Моника Ризовска од Скопје за CRNOBELO.com, мајката на Леон.

Има нешто магично во тоа да ги гледаш своите деца како растат опкружени со љубов, внимание и животна мудрост од своите дедовци.
Леон (3) и Давид (9 месеци) oд Скопје го живеат тоа секој ден, и тоа ѝ го полни срцето со топлина на нивната мајка Моника Ризовска.
„Во еден свет што постојано се менува, сметам дека постои нешто длабоко, стабилно и исконски важно, врската меѓу дедото и внукот. Тоа не е само семејна врска, туку мост помеѓу генерации, искуства, вредности и љубов“, вели таа.
Игрите со дедо се моменти што се паметат цел живот, всушност станува збор за многу важни животни лекции скриени во таа игра со дедо.
За CRNOBELO.com Моника споделува како изгледа односот на Леон и неговите дедовци:
„Секое утро, дедо Кире го носи Леон во градинка со автомобил.
Иако за некого тоа е само возење, за нив двајца тоа е ритуал на учење, смеа и љубопитност.
Додека возат, разговараат за тоа што гледаат низ прозорец, кои се боите на автомобилите, како се викаат моделите, кои дрвја ги има покрај патот.
Дедо Кире го учи Леон да брои, да составува реченици, а понекогаш тоа го прават и низ смешни игри, на пример, кога го вежбаат изговорот на буквата „р“, па одат по улица и бараат зборови што ја содржат.

Тие откриваат нови игралишта заедно, зборуваат за животни, а дедо Кире му раскажува интересни работи со едноставност што само дедо може да ја има.

Јас сум бескрајно среќна што мојот татко е активен и спортски тип, сака да вози велосипед, игра кошарка, фудбал, тенис, јаде здраво, многу салати, месо и ја сака природата.
Леон веќе гледа и учи, дека да си здрав е избор, дека движењето и исхраната се важни и знае дека треба да јаде здраво за да расте “гооолееем”.

Она што ми е мило е што сега секое утро, Леон се буди со возбуда, не поради играчките, туку затоа што знае дека ќе оди во градинка со дедо Кире.

А кога сме кај дедовци... постои уште еден и единствен – дедо Зоран, најстариот и најискусниот туристички водич кој може тон книги да пишува за светот и културата на народите.
Со него, Леон има сосема поинакви авантури, шетаат низ Старата скопска чаршија, пијат турски чај и јадат ѓеврече, раскажуваат приказни за времето кога чаршијата била полна со занаетчии и осознава сокаци и историја за нив.

И двајцата одат кај истиот фризер, како вистински пријатели, седат заедно и се смеат. Одат и во солена соба, каде што си играат во солта, со играчките и уживаат во малите, но значајни моменти на близина.

