Христина од Кочани живее во Германија: „Заминав за подобар живот, здравството тука функционира беспрекорно“
- Детали
- недела, 27 јули 2025
„Со оглед на тоа што сме сами и немаме од никој помош, како мајка на 2 деца малку ми беше потешко да најдам соодветна работа за да можеме со сопругот да се менуваме околу нив. Понекогаш е напорно, но мора да издржиме - тоа е само фаза во животот“, вели Христина Манова за CRNOBELO.com, која пред 6 години замина во Германија.

Христина Манова (29) од Кочани, веќе 6 години живее во градот Вилинген-Швенинген во Германија, како што вели во „срцето на најубавата планина во југозападниот дел од земјата - планината Шварцвалд“.
Во тоа време Христина заминала заедно со својот дечко, кој сега ѝ е сопруг и со кого има две мали дечиња.

За CRNOBELO.com, таа ни раскажа за животот во ова гратче, за работата, но и како е да се одгледува семејство во Германија:
Зошто реши да си заминеш од Македонија?
Од Македонија си заминав, не поради финансиски причини, туку за подобар и поквалитетен живот.
Знаеме кај нас како е и по институциите и општо, ако е татко ти владика - ти ќе си поп.
А, си заминав заедно со мојот тогашен дечко, сегашен сопруг.

Како би го опишала животот таму? Што ти е најубаво, а што не ти се допаѓа (и би го сменила)?
Животот овде е многу подобар за разлика во Македонија.
Од аспект дека живееме во помало градче и во планински предел, не многу оддалечени од познати поголеми градови како Штутгарт, Фрајбург, Констанц, езерото Боденсе, имаме можност да шетаме и да видиме многу нови работи, да посетиме доста атрактивни места.
Единствено, не ми се допаѓа што немаме многу слободно време..

Колку е различна Германија ако си турист, споредено со некој што живее таму?
За туристи е уште поубава.
Има доста туристички и атрактивни места и, нели, како турист немаш многу обврски, за разлика од нас што живееме овде.

Дали најдовте лесно работа? Што работите ти и сопругот, но и колку си задоволна?
Со оглед на тоа што сме сами и немаме од никој помош, како мајка на две деца малку ми беше потешко да најдам соодветна работа за да можеме со сопругот да се менуваме околу децата.
Работев како контролор за квалитет во една фабрика, а од неодамна работам во ланец на маркети.
Сопругот работи во фабрика за производство на болјери за нафта за централи, за затоплување на домаќинства.
Понекогаш е многу напорно и со деца и на работа, но мораме да издржиме. И тоа е само една фаза во животот.

Децата ви се родени во Германија, па можеш ли да ни опишеш како изгледа здравството таму, болниците?
Децата ни се родени и двете овде во Германија, да.
Здравството функционира беспрекорно, посебно кога се во прашање децата.
Кадарот и опремата во болниците се на највисоко ниво.
Породувањето и целиот тој процес е целосно бесплатен т.е ни го покрива здравството.
И лековите, и прегледите за децата истото здравство ги покрива во целост.
