Каде е денес Боби Андонов, момчето родено во Австралија, кое ја претставуваше Македонија на Јуниор Евросонг?
- Детали
- вторник, 05 август 2025
„Моите родители потекнуваат од мали села околу Струмица. Секогаш бев тажен кога требаше да си заминам од Македонија. Не сум дошол одамна, но се сеќавам често на куќата што ја изградил мојот татко - таму се чувствував како да откривам дел од себе“, вели Боби Андонов за CRNOBELO.com, кој денес живее во Лос Анџелес.

Кога ќе се спомене името Боби Андонов, многумина на прва ќе се сетат на малото момче со македонски корени, родено во Австралија, кое пееше на „Златно славејче“, а потоа ја претставуваше Македонија на Јуниор евровизија 2008 и го освои 5-тото место, што е наш најдобар пласман на ова натпреварување.
Боби одамна не е дете - од неодамна е татко, а живее во Лос Анџелес со својата сопруга.
Но, и понатаму е во светот на музиката, како текстописец, продуцент и пејач, иако, тоа е само една од неговите страсти.

За животот во САД, летата поминати во Македонија кај семејството, романтичното изненадување што ѝ го подготвил на сопругата, балерина, Боби ни раскажа во интервјуто:
Роден си во Мелбурн, но и одлично зборуваш македонски. Дали кај тебе дома се зборуваше македонски, или го научи доаѓајќи во Македонија како дете?
Македонскиот јазик ми беше прв јазик. Го зборував дома со родителите уште пред да почнам да учам англиски.
И ден денес го зборувам скоро секој ден, особено со семејството. Тоа е голем дел од мојот идентитет.

Кои ти се некои најубави сеќавања од Македонија од детството?
Искрено, сите сеќавања ми се посебни. Секогаш бев тажен кога требаше да се вратам назад во Австралија.
Но најмногу ми останаа во сеќавање кога ги посетував местата каде што почнале моите родители, особено куќата што ја изградил мојот татко.
Тогаш се чувствував како да откривам дел од себе.
Од каде потекнува твојата фамилија? Имаш ли и денес роднини тука и кога си бил последен пат да ги посетиш?
Моите родители потекнуваат од мали села околу Струмица.
Сè уште имам фамилија таму. И иако многу од нив се преселија во други држави, сите се трудат да се вратат во Македонија во лето.
А Македонија не сум ја посетил долго време, но се надевам дека ќе се вратам наскоро.

Како се случија твоите настапи на „Златно славејче“, а потоа и на Јуниор Евровизија?
Се започна кога бев гостин на „Златно славејче“ во Австралија.
Режисерот Бобан Јосифовски препозна нешто во мене и ме покани да настапам на истиот фестивал во Македонија.
Тоа доведе до соработка со врвниот продуцент Јован Јованов, кој и ден денес ми е близок пријател.
Колку учеството на овие два фестивала ти беше поттик да продолжиш да се занимаваш со музика?
Огромен поттик. Тогаш сфатив дека музиката е мојот пат.
И од тој момент никогаш не погледнав назад.

