Љубовната приказна на Маја и Славе Викторијоски: „Јас доктор, тој уметник - ни се случи љубов што ти го превртува светот“
- Детали
- понеделник, 25 август 2025
„Интересно е тоа што ми бил сосед како дете, но не паметам дека некогаш сум го сретнала. Постара сум пет години и веројатно сме се промашувале генерациски. Јас сум лекар по професија, плус Девица во хороскоп, вкоренета во рационалност и одговорност, а тој е уметник и Риба во хороскоп, човек на интуиција, чувства и бои, кој живее преку своите креации и музиката“, вели доктор Маја Ангелеска Викторијоски (49) и споделува детали за љубовната приказна со Славе Викторијоски (44).

Маја Ангелеска Викторијоски (49) е доктор специјалист по педијатрија, работи на одделот неонатологија и интензивна нега и терапија при Клиничка Болница Жан Митрев и има хоби цртање со сув пастел на ѕид.
Славе Викторијоски (44) е дипломиран ликовен уметник, мастер по дизајн, фотограф и музичар.
Тие биле 5 години во врска до запоросувањето на 1-ви август 2022 во Дубровник. Свадбата ја направиле на 12-август 2023 година.
За запознавањето во позрели години, предизвиците, но и позитивните страни, проговоривме со Маја.
Таа ја споделува нивната љубовна приказна за CRNOBELO.com:
„Ова беше љубов што не ја планираш, туку сама те пронаоѓа. Некои луѓе се појавуваат токму тогаш кога мислиш дека си на дното, кога не очекуваш ништо.

Интересно е тоа што ми бил сосед како дете, но не паметам дека некогаш сум го сретнала. Постара сум пет години и веројатно сме се промашувале генерациски.
Но, откако се запознавме – како да се отвори некоја скриена врата.

Почнавме често да се среќаваме случајно, на разни места, во различни моменти – како животот упорно да нè вкрстуваше, сè додека не сфатиме што сака да ни каже.
Се сретнавме во период кога и двајцата тивко се боревме со своите тежини. Јас, во фаза на внатрешна празнина, преморена од сè што било претходело.
Тој во лична бура, со своја болка и немир. Но, среде таа тишина – се најдовме.

Јас сум лекар по професија, плус Девица во хороскоп, вкоренета во рационалност и одговорност, а тој е уметник и риба во хороскоп, човек на интуиција, чувства и бои, кој живее преку своите креации и музиката.
Навидум различни светови, но испадна дека во суштина сме многу слични.

Љубовта кон музиката, кон уметноста, кон сè што допира до душа беше нашето прво природно поврзување.
А потоа, природно, дојдоа подлабоките разговори, разбирањето, искреноста, тие беа темелот врз кој почнавме да се градиме.

Врската почна бурно. На почетокот не правевме планови и ни на памет не ми дојде дека ќе прерасне во нешто сериозно.
Но, љубовта си го најде својот пат. Не ни беше лесна. Помина низ искушенија, турбуленции и преиспитувања.

Но, од друга страна, ова беше љубов која ти го превртува светот наопаку, односно љубов без која не можеш да си го замислиш животот понатаму.
И токму тоа беше основното што нè држеше да успееме и да ги надминеме сите разлики и бариери.

Неблагодарно е да се зборува колку го сакаш некој, бидејќи секој за својата љубов веројатно мисли дека е најголема.
Но, кај нас е така. И ден-денес ништо не е сменето. Не можеме еден без друг.

