Љубовната приказна на Маја и Славе Викторијоски: „Јас доктор, тој уметник - ни се случи љубов што ти го превртува светот“
План ни беше да се качиме на тврдината Ловријенац каде што се снимаше серијата Game of Thrones, која на двајцата ни беше омилена и бевме договорени дека задолжително ќе се качиме да ја видиме и да се сликаме.
Ама на таа жештина, тоа не беше баш така пријатно. И земајќи го предвид фактот што водата уште на половина пат ја испивме, веќе стануваше напорно.

А најчудно од сè беше што, за разлика од секогаш, кога јас сум таа што инсистира на сликање – овојпат беше тој. И си помислив, „Океј, можеби му е битно ова“.
Не беше задоволен со ниту една локација, бидејќи беше преполно со народ и само го преместувавме стативот, качувајќи се и слегувајќи неколку пати на исто место.
Јас веќе вриев од нервоза, ама си реков „Ајде, нека слика и да си одиме конечно. Додека тој го местеше стативот за фотографирање, јас седнав на една карпа, полу лута, гледав во морето и целата таа панорама која навистина беше воодушевувачка и на момент се исклучив, не го ни гледав што прави.

Во еден момент се вртам и го гледам клекнат пред мене, со кутија со прстен, отворена ама свртена кон него.
Воопшто не го ни забележал тоа, веројатно од самата ситуација и возбуда. Тогаш ми стана јасно што се случува.
Не паметам ниту што ми рече, ниту што точно му одговорив, само знам дека му кажав „да“. И баш кога очекував да ми го стави прстенот, тој ја затвори кутијата, си ја пикна во џеб и наместо тоа, почна само да ме гушка и бакнува.
После и двајцата се смеевме, ми рече: „Ајде, да го повториме како што треба!“, ама, искрено, убавината беше баш во спонтаноста и несовршеноста на целиот тој ден.

Следната година направивме мала свадба, повеќе како собир со најблиските, без многу церемонии, на отворено, покрај базен, со шведска маса – за целиот настан да биде што поопуштен.
Таму ни беше и самото матично. Како музика имавме бенд што свиреше рок и забавно, а подоцна вечерта музика пушташе диџеј.
Ние бевме презадоволни – сè беше опуштено, без притисок, баш по наш вкус. А според атмосферата и коментарите, им се допадна и на гостите.

Фустанот ми беше изработен од една модна креаторка, моја сограѓанка – Марија Мисајлеска. Таа буквално ми помогна да ја доловиме мојата идеја за венчаница што нема да биде класична, туку баш во мој стил.
Потпетиците ми беа Jimmy Choo – ги имав земено неколку години пред тоа, само затоа што ми беа премногу убави, без никаков план каде би ги носела. Е па, изгледа си чекале да дојде тој ден.
Дел од накитот на свадбата кој го носев беше изработен по нарачка и на него е ставена тетоважата на мојот партнер со негови иницијали и виолински клуч.

Таа комбинација ја носев во првиот дел од свадбата, а потоа се пресоблеков – ми беше потребно нешто покомотно.
Облеков црн корсет, тексас шорц, бел тул како додаток (исто дело на Марија) и црни каубојки на нозете.
Мислам дека баш ова ме опишува мене како личност, а и да сакам, не можам да се видам себеси во нешто што не сум јас.

И искрено, мислам дека сите очекуваа нешто „поинакво“, нешто надвор од стандардната шема, познавајќи ме не беа многу изненадени од мојот избор.
Кога ќе ја најдеш љубовта на позрели години, искрено, не е сè така едноставно и лесно како што звучи.

Од една страна, да – носиш со себе искуство, зрелост, знаеш што сакаш, што не сакаш, и што си спремен да толерираш. Но, од друга страна – веќе си оформен како личност. Имаш свој начин на живот, навики, ставови. Исто важи и за другиот.

Кај нас, тоа прилагодување бараше навистина многу работа. Особено што јас веќе имав поминато низ еден долг период на заеднички живот, а за него сè тоа беше ново, и начинот на функционирање во пар и семејство со деца, и целата таа динамика.
Но и за мене беше ново, затоа што секој е засебна личност, со свој свет и ритам.

Потребни беа многу разговори, компромиси, трпение и уште повеќе љубов, затоа што на крајот, љубовта беше таа што не ни дозволи да се откажеме, ни кога беше тешко, ни кога не се разбиравме баш најдобро.

И денес е исто – учиме лекции секојдневно, си ги поместуваме границите, се прилагодуваме, и се градиме заедно.

Разликите стануваат сè помали, сè повеќе гледаме исто, чувствуваме слично, сакаме исто.

Имаме уште поголемо разбирање и уште поголема толеранција еден за друг. А тоа не доаѓа само од љубов, туку и од желбата да опстоиме“.

Повеќе фотографии од нив:
Прочитајте и Д-р Маја А. Викторијоски е специјалист педијатар, дама со впечатлив моден стил, тетоважи и страст за јога и цртање
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
