Љубовната приказна на Виктор Апостоловски и Милена: „Се запознавме во маркет, ми била фан како дете и имала мој постер“
Ја запроси Милена во Истанбул... Каква беше нејзината реакција? Очекуваше дека ќе ја бараш за жена?
Реакцијата мислам дека сите ја видоа поради мојата професионална деформација, ха, ха.
Морав да го снимам тој момент и да си го имам засекогаш. Какво патешествие беше тие денови додека да клекнам, тоа е нешто што никогаш нема да го заборавам!
А инаку, Милена воопшто не очекуваше. Познавајќи ме мене и мојата лабава природа, никој не очекуваше.
Сите мислеа дека сме во Истанбул за да си пресадам коса, ха, ха.
Раскажи ми некој интересен момент од свадбата. На што се сеќаваш со најголема радост од тој ден?
За разлика од луѓето што пијат, јас се сеќавам на сите моменти. Се сеќавам на реновирањата што ги правев до 6 сабајле пред свадбата, па на сликањето, се сеќавам и пробаа да ме опијат, ама не им успеа!
Се сеќавам и на моментите кога отидовме по невестата, ама најмногу се сеќавам на моментот кога деверот ми ја донесе невестата. Тоа беше најубавиот момент!
Се сеќавам и на сè потоа, сè беше преубаво, ама ништо не беше поубаво од невестата.
А ако ја прашаш неа, мислам дека најубав момент ѝ беше првиот танц и песната што ѝ ја напишав и посветив.

Кој е поромантичен - ти или таа? Која е најубавата романтична работа што ја направила за тебе, или ти за неа?
Па сега, јас можеби не сум човек што секој ден купува цвеќе и измислува разни романтики, ама сум човек што ќе ти посвети песни, ќе ти зготви вечера, ќе ти направи десертче, ќе ти помогне секогаш за што било и ќе направи сè што треба за неговата љубов да е најсреќна.
А Бога ми, и таа прави сè за нејзината љубов да е најсреќен на целиот свет.
Да ја барав немаше да си ја погодам толку!
Така што, би рекол дека таа е поромантична, бидејќи жените секогаш имаат повеќе чувство за тие работи. А која е најубавата работа што ја направила за мене ќе ви кажам наскоро!

Колку години сте во брак и како ја прославивте годишнината?
17.06. е денот. Направивме 2 години во брак, а годишнината си ја прославивме во домашни услови, заедно си направивме вечера и десерт, си пуштивме филмче и си изуживавме.
Бидејќи дојдоа такви времиња, толку сме сите зафатени, што секој слободен момент си го користиме да си уживаме во комфорот на нашиот дом, далеку од сите гужви.

Што, според тебе, е важно за успешен брак?
Сè е важно! Прво треба да си ја погодиш личноста, табиетите да ви се компатибилни!
Затоа се всушност и врските, за кога ќе си се допаднете со некоја личност физички, да пробате да видите дали тоа би функционирало и психички.
Во тој процес многу е битно да се има разбирање, бидејќи не постои нешто што не може да се реши ако од двете страни има разбирање.
Треба луѓето да сфатат дека кога влегуваш во нешто вакво, нема повеќе „Јас“, сега има „Ние“.
Нема веќе јас вака сакам, јас вака сум навикнат/а и слично. Тоа го оставаш дома кај твоите и продолжуваш да градиш нов дом, заедно.
И има уште многу други битни работи, ама за тоа во некоја друга прилика.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
