Максим Алексов (10) е талентиран фудбалер - игра во Данска, а сонува да биде дел од нашата репрезентација
Рече дека Barcelona ти е омилен клуб, а летово беше дел и од нивната фудбалска школа. Ти беше ли забавно на тренинзите?
Годинава бев пријавен на два кампа за време на летниот распуст, едниот беше Sporting од Лисабон, Португалија, а другиот беше Barcelona.
Во двата кампа доживеав нови искуства со тренери, нови тактики, вежби и научив дека фудбалот се учи и се напредува секој ден.
Кампот на Sporting беше во организација со една фудбалска академија тука во Данска и траеше 5 дена.
Имаше технички тренинзи и тактики од португалски тренери кои нè учеа многу поразлично од данските.
На тој тренерот кој ми кажа дека имам голем потенцијал и талент и дека не смеам да престанам да тренирам, дека мора да тренирам напорно и дека ќе биде штета да ми пропадне талентот што го имам.

На кампот на Barcelona исто бев 5 дена и тоа беше организација за цела Скандинавија, во многу градови и држави, со многу деца, околу 80 до 100 деца од камп.
На тој камп дојдов спремен од претходно и не очекував дека ќе направам нешто добро, бидејќи малку бев уплашен и само сакав да учествувам.
Ама, завршив како трет најдобар фудбалер на кампот и добив понуда на 29 септември да одам во Барселона, на истите терени каде што тренираат сите ѕвезди на Barca.
Од сите деца во камповите се избираа по 10 деца со одлука на тренерите, за да ни се даде шанса да одиме во Барселона. Ама двајца одат гратис на трошок на клубот, а останатите на сопствен трошок.
Со мојата фамилија одлучивме годинава да не одиме во Барселона од финансиски аспект, и мислам дека имам време до следната, бидејќи имам покана за истиот камп да учествувам и до година.
Јас сум влезен во забелешките на клубот и ако мојот развој до 13 години на камповите и ако моите резултати се одлични, има големи шанси во иднина да добијам покана и понуда за во Barcelona.

Кое одделение си, Максим и кој ти е омилен предмет?
Јас сум ученик во 4. Одделение. Освен со фудбалот, играм и шах и се натпреварувам на ниво на школи и имам неколку медали.
Исто така го сакам и пливањето, а тоа заедно со фудбалот ќе ми овозможи поголем прогрес и развој на телото како спортист, па татко ми и мајка ми ме подржуваат.
Омилен предмет ми е зборење и правење галама на часови, а ги сакам математиката и природата.

Поубаво е да си на трибини или на терен?
Чувството на трибини и на терен ми се различни бидејќи на терен можам да играм ама на трибини не, па кога сме со другарите знаеме и да дофрламе кон играчите како треба или како ние гледаме или да се зафркаваме.
Но повеќе сакам да сум на терен. Знам да бидам нервозен кога играме ако губиме или ако ме заменет или ако не стартувам.
Но татко ми ме учи дека тоа се нормални работи што се случуваат.

А кои ти се омилени фудбалери од Македонија?
Од нашата репрезентација не познавам многу фудбалери, во сеќавање ми е само Горан Пандев.
Имам голема желба да играм за Македонија и сакаме со татко ми следната година да дојдеме таму за да посетам неколку наши тренери и кампови, за да видам како работат и кои се разликите.
Се надевам дека еден ден ќе ме видите во боите на нашата репрезентација.
