Љубовната приказна на Јоце Панов и Марина: „Ја забележав на мој настап, ме освои со скромноста и ненаметливоста“
- Детали
- понеделник, 15 септември 2025
„Долги години сме заедно, малтене од деца. Марина ме познава многу добро и точно знае кога треба да се повлече, да ме разбере кога сум изморен, под стрес. Има трпение, а нејзината смиреност навистина ми помага да се вратам со двете нозе на земја“, вели со многу љубов за сопругата Јоце Панов во интервју за CRNOBELO.com.

Пејачот Јоце Панов скоро 25 години е дел од нашата музичка сцена, откако првпат настапи на фестивалот „Канео фест“ во 2001 година.
А за поголемиот дел од ова време, најголема поддршка, ветер во грб, но и мирно пристаниште му е сопругата Марина, со која е во љубов 18 години, осум од нив во брак.
Парот го има синот Лука, кој е плод на нивната искрена љубов, а кој наскоро ќе полни 6 години и веќе е прваче.
„Има една стара поговорка, вели, жената и колата треба да ти се погодат, тоа е награда од Бога. Мене некако и колите ми се погодија, а и жената, ха, ха“, вели на шега Јоце.
За љубовта со Марина, тој раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
Како почна вашата љубовна приказна?
Нашата приказна почна многу спонтано. Се запознавме на еден мој настап, таа беше меѓу дамите во публиката, и некако веднаш ми падна в очи.
Не беше од оние што се истакнуваат гласно, туку имаше некоја тивка енергија што ме привлече.
По настапот се сретнавме, разменивме неколку зборови и сè останато се случи природно.
Почнавме да се дружиме, да се слушаме, па малку по малку, врската ни се роди од таа блискост.

Што ти се допадна најмногу на прва кај сопругата?
Нејзината скромност. Во време кога многумина се трудат да се истакнат и да бидат во центарот на вниманието, таа беше поинаква, тивка и природна.
Немаше потреба да се наметнува и токму тоа ме привлече. Од првиот момент ми беше поддршка во кариерата.
Јас сум постојано на настапи и патувања и од првиот момент беше свесна колкаво, ќе кажам, трпение, е потребно за да ни успее врската.
Така е и до ден денес. Трпение, разбирање и компромис.

A тебе ти требаше ли долго да ја освоиш?
Не би рекол дека требаше долго да ја освојувам, нашата врска почна многу спонтано.
Понекогаш не треба многу труд кога имаш вистинска хемија и искреност од самиот почеток. Се освојувавме обострано.

Колку сте слични карактерно? Кој е потврдоглав, кој попушта побрзо, кој полесно избувнува, а кој смирува расправии?
Јас како карактер ја имам онаа јаречка тврдоглавост како црта.
И сум свесен дека таа, заедно со упорноста, колку што може да се позитивни во однос на некои други аспекти на функционирање во животот, да речеме во кариерата, приватно знаат да бидат малку повеќе од онаа другата страна.
За среќа, со Марина карактерно се надополнуваме.
Долги години сме заедно, малтене од деца, ме познава многу добро и точно знае кога треба да се повлече, да ме разбере кога сум изморен, под стрес и слично.
Сопругата има трпение, знае кога да молчи, кога да се повлече, и кога да ме остави малку да 'издишам'.
Нејзината смиреност навистина ми помага да се вратам со двете нозе на земја.

Како ја запроси? Дали ѝ подготви ли некакво изненадување?
Карактерно ја немам онаа црта да планирам сцени како од филм.
Сакав моментот да биде наш и интимен, спомен кој ќе ни остане за цел живот.
Долги години, цели десет бевме во врска и некако очекувано беше да тоа се случи. Очекувано и посакувано.
Бевме на патување, на едно мирно и убаво место кое и двајцата го сакаме. И ден денес запросувањето ни е наш спомен, симбол на еден наш нов почеток.

