Елизабета К. Младеновска: „По 14 години синхронизација на турски серии, сега добив улога во турска серија“
- Детали
- среда, 17 септември 2025
„На снимањето веднаш добив личен асистент кој ме водеше низ процесот на подготовки за избор на гардероба, како и шминка и фризура. Секој пат кога се снима, сè се одвива многу бргу затоа што е ангажиран огромен тим. Секоја минута е испланирана и додека се мести сетот, кратко се вежбаат сцените, што значи одмор и пауза нема“, вели Елизабета Клинчаревска Младеновска, која глуми докторка во турската серија „Јас се викам Ајламаз“.

Елизабета Клинчаревска Младеновска – Ели е наша позната театарска, филмска и телевизиска актерка, која е и пејачка, a настапува под името Elly Rasta Girl.
Таа веќе извесен период гради и интернационална актерска кариера, а сега е дел од снимањето на турската серија „Јас се викам Ајламаз“. Вели дека по 14 години синхронизација на турски серии, со задоволство ја прифатила оваа улога.
За искуството како е да се биде дел од турска серија Елизабета споделува за CRNOBELO.com:
Како дојде до тоа токму ти да играш во турската серија „Јас се викам Ајламаз“?
Искрено, јас воопшто немав информација дека ќе се снима нова турска серија во Македонија и дека за истата е организиран и кастинг.
Бев во Србија, на снимање за друг филм, кога ми се јави кастинг директорот на Балкан каст, Исмаил Омер, кој е и актер и ми кажа дека ме планираат за улогата на д-р Лидија.

Сакавме да бидеме професионални и да го испочитуваме редот, па се договоривме да снимам видео со една од сцените од сценариото и да им го испратам.
Веќе следниот ден ми се јави да ми потврди дека режисерот бил јасен и дека јас ја добив улогата.
Ми беше огромна чест и со задоволство ја прифатив. Подоцна од екипата дознав дека за таа улога во конкуренција биле околу 50 актерки од Турција и Македонија.

Иако имам глумено на многу јазици, англиски, италијански, украински, албански, грчки, ирански итн., во оваа серија зборувам на англиски и македонски.
Имам работено и со други странски продукции, но, во овој случај беше поинтересно затоа што веќе 14 години ги синхронизирам турските серии на ТВ Сител.

Имаше ли време за подготовки пред снимање? Како течеа тие?
За подготовки за снимање на првиот ден имав неколку дена.
Текстот беше на англиски и воопшто не ми беше комплицирано, бидејќи, како што реков, имам глумено на повеќе јазици. Но, кога стигнав на сетот во болницата во Струмица, сè се одвиваше со голема динамика и според строги правила.
Веднаш добив личен асистент кој ме водеше низ процесот на подготовки за избор на гардероба, како и шминка и фризура.

Секој пат кога се снима, сè се одвива многу бргу затоа што е ангажиран огромен тим. Секоја минута е испланирана и додека се мести сетот, кратко се вежбаат сцените, што значи одмор и пауза нема.
Пред снимањето на првата сцена, со колешката Јагмур Танрисевсин, која е главен лик, имавме околу 5 минути за да го утврдиме текстот, 5 минути за корекција на шминка и фризура и веднаш потоа отидовме на сет.
По краток разговор и договор со режисерот, неговата асистентка, камерманите, организаторот на снимање, почна снимањето. Се работи со голема динамика, сите се врвни професионалци со огромно искуство зад себе и затоа е потребна спремност и на актерот за ваков вид на проекти, бидејќи нема дополнителни проби за сцените.
