Елизабета К. Младеновска: „По 14 години синхронизација на турски серии, сега добив улога во турска серија“
Колку време траеше снимањето на една сцена? Напорно ли беше?
Снимањето се одвиваше многу бргу и беше потребен целосен фокус и концентрација, особено што се снима на странски јазик.
Се снима и по цел ден, но кога секој си ја работи својата работа со голема посветеност и љубов, сè се одвива беспрекорно и без пречки.

Се работи за огромна продукција на која работат над 50 луѓе, а на сетот, додека се снима има екипа од околу 20 луѓе кои асистираат на снимањето.
Огромен заслуга за комплетната организација има Исмаил Омер, актер и директор на Балкан Каст, кој е исто така со својот професионален тим, се главни организатори на целиот процес на снимањето во Македонија, како и на изборот на локации, кастингот и др.

Дали со нетрпение исчекуваш да видиш како излегла сцената што си ја снимила? Уште колку време ќе се снима серијата кога да ја очекуваме во Македонија?
Искрено немам конкретна информација, но според тоа што ми го кажаа од продукцијата, би требала да се снима уште неколку недели.
Како и секој проект кој сум го снимила во мојата досегашна кариера, така и овој, со нетрпение чекам да го видам на малите екрани.
Но, сепак пред емитувањето на ТВ екраните, најавена ни е и премиера во Истанбул, на која сме поканети да присуствуваме сите.

Имаше ли време за дружење со некои од актерите во серијата надвор од снимањата? Се спријатели ли со некого?
Се запознав и се спријателив со многумина од екипата, но овој пат нема многу време за дружба, затоа што напорно се работи. Но, морам да кажам дека ми е чест што сум дел од проектот, бидејќи се работи за многу интересно сценарио кое е базирано на вистинска приказна.
Со целата екипа имам професионален и коректен однос, бидејќи се работи за многу нормални и приземни луѓе, истомисленици, кои уживаат во својата професија.

Што беше она што најмногу те изненади за време на снимањето?
Ме изненади професионалноста, бројноста и организираноста на продукцијата, како и посветеноста на тимот.
Исто така, ме изненади и непосредноста на режисерот и неговата асистентка со актерите. Иако се под притисок да ги снимат сите предвидени сцени во текот на денот, тие се љубезни и коректни со сите.

Имаш ли некоја интересна случка што би сакала да ја раскажеш?
Имав многу интересни и убави моменти, но еден ми остана во сеќавање.
Првата сцена кога ја снимавме пробно додека се местеше светлото, со колешката ја одигравме толку добро, што режисерот рече на шега „Готово, тоа е тоа“.
Со колешката од Истанбул веднаш се насмеавме, затоа што знаевме дека се работи за проба. Се обидовме да си објасниме една на друга, но бидејќи таа не знаеше добро англиски а јас не знам турски, се разбравме на балкански начин, со мимики, со раце, со погледи и изви „ех“, “ах“, ”еее“ итн. на што се смееја сите.
Беше смешно, до солзи, ама ние си се разбравме и професионално ја снимивме сцената во која разговараме на англиски јазик.
Токму ваквите моменти, кога се вкрстуваат професионалноста и забавата, прават да си ја сакам професијата уште повеќе, без разлика дали се работи за странска или домашна продукција или, пак, се зборува на ист или различен јазик.

Дали кога би ти се укажала можност повторно би сакала да играш во некоја турска серија?
Јас сум професионална актерка, вработена во театар, која зад себе има снимано и филмови и серии и се разбира дека секогаш ќе бидам отворена за нови проекти особено кога се работи за вакви прекрасни улоги и одлични сценарија.
Се може да се реализира доколку постои двонасочна професионалност и одговорност кон сите проекти и кон сите екипи со кои соработувам, а ги има многу.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
фото: Аварел, Маја Аргакиева