Ана Зафирова: Оние што ми подаваа рака ги победија предрасудите кои ме следеа
- Детали
- среда, 17 септември 2025
„На 29 години го потпишував магазинот Теа модерна. И штом ја прифатив понудата за новиот ангажман, веднаш молскавично ме пресретнаа гласините „Неписмена е. Доаѓа од ТВ, не знае таа што е весник.“ И како од ново да се родија во мене сите залепени етикети кои мислев дека ги имав надминато. Пак како да си се губев. Моето знаење и искуство повторно станаа недостаток и пречка. Иако ТЕА ја извадив повторно како самостоен медиум на пазар, го направив партнерството со Хрватска „Глориа“, тиражот растеше и потврдуваше дека ги правам вистинските чекори, а јас со секое ново издание се сомневав во својата работа, прашувајќи се „Дали јас знам ова да го правам? Дали сум добра во ова?“ - раскажува Ана Зафирова за препреките на кои наишла за време на својата кариера.

Ана долго време си во медиумскиот простор, дали до сега си имала искуство со одредени предрасуди на твојот професионален пат?
На моменти се доживувам како школски пример за тоа :). Љубопитноста ме однесе пред камерата на МТВ на 16 години. Почнав новинарска кариера во утринската програма и моето појавување на екран го пречекаа коментарите на колегиумот „Види колку е слатка. Штета што е мала, а баш е телевизична. Не, не е таа за тука, да ја префрлиме во детска програма“. Така младоста стана мојата прва попреченост во професионалиот развој. Ставовите ме поткршија, но не ме скршија. Не завршив во детската редакција, туку студирав Книжевност и учев новинарски занает од спротива во МТВ, заштитена од својот потенцијал и вербата на неколкумина во мене.
Таа „мала“, потоа направи трансфер во Канал 5, па ТВ Телма, паралелно работеше и во радио Уно, во Клуб ФМ, магазинот Жена, а на ТВ ја имаше популарната емисија „Врти сучи тоа ти е Скопје“, ама етикетата „мала е“, остана да прогонува. Растев со уверување дека ништо не е доволно добро, дека не знам доволно, иако ехото од јавноста го тврдеше спротивното. Добив потврда и со стипендијата за едногодишно школување за медиуми, од Стејт департмент на САД во Тенеси. Но, ми се всади несигурноста и сомнежот во сé што правам.
Потоа „малата“, стана и најмладата главна и одговорна уредничка. На 29 години го потпишував магазинот Теа модерна. И штом ја прифатив понудата за новиот ангажман, веднаш молскавично ме пресретнаа гласините „Неписмена е. Доаѓа од ТВ, не знае таа што е весник.“ И како од ново да се родија во мене сите залепени етикети кои мислев дека ги имав надминато. Пак како да си се губев.
Моето знаење и искуство повторно станаа недостаток и пречка. Иако ТЕА ја извадив повторно како самостоен медиум на пазар, го направив партнерството со Хрватска „Глориа“, тиражот растеше и потврдуваше дека ги правам вистинските чекори, а јас со секое ново издание се сомневав во својата работа, прашувајќи се „Дали јас знам ова да го правам? Дали сум добра во ова?“. Постојано преиспитување, несигурност која преплавува и се затвораш во себе, прашувајќи се што зошто морам да бегам од себе за да бидам прифатена и да станам она што не сум. Тоа се лузни за кои ми требаше време да ги залечам.

Зарем толку знае да е суров тој свет?
И многу повеќе. Младоста, луѓето знаат да ја читаат и како бришан простор за манипулација и едноставно да ви всадат други уверувања за вас и за вашите можности, кои се и сосема поинакви од вредностите, ставовите и од она што сте во суштина. Знаете, губев сила и пред она „Кој знае чија е“, „Не можеш оти си женско“, „Немаш капацитет, ризично е“, а сега во поново време „Имаш деца, не можеш да се посветиш“, „Не се облекувај така како девојка, мажена си“ или „Стави си ботокс, јавна личност си, имаш години. “
Тоа се пораките кои ги праќа нашата заедница на младите, жените, зрелите .... Низ годините се уморив од стегите на стереотипите, предрасудите и ограничувачките ставови на другите, бидејќи ме следеа во чекор. Многу ми тежеа. Не знам што ќе бев во животот ако им дозволев токму тие да ме дефинираат. Сфатив дека во моите 30 години работа никако не им се погодив на мерките и калапите на нашава средина. За среќа.
Но, сепак останавте во професијата. Како?
Останав бидејќи секогаш ќе се најдеше некој што ќе ја забележеше мојата автентичност, низ разговор ќе ми дадеше сила да не се откажам. Така добив потреба од волонтирање во Специјална олимпијада, каде се уверив дека лицата со попреченост можат и требаат да ги развиваат своите потенцијали, и така стигнав до мојот сегашен фокус, да бидам глас на не чуените, да ги охрабрам оние без моќ, да им дадам видливост на оние на кои им треба поддршка. Денес како новинар фриленсер новинар кој работи и за редакцијата на Дојче веле правам стории кои ги осветлуваат предизвиците на обичните луѓе.
Тие стории се препознаени и наградени. Се обидувам да и дадам нов агол на гледање на истата слика. Го правам она што малкумина го правеа на мојот пат, подавам рака. Тие што ми подадоа рака, го разбудија пркосот и ме поттикнаа да се изборам за себе, борејќи се против предрасудите што ме следеа. И она што го научив до сега, е дека можеш да бидеш, да растеш, да се развиваш, само ако ја имаш слободата, без ограничувања, со отворен ум.
Поттикнати од кампањата на Македонски Телеком #НаправиМесто, која повикува на отвореност и меѓусебно разбирање, а која оваа година е фокусирана на надминувањето на предрасудите, редакцијата на CRNOBELO.com ќе направи повеќе место за вести и приказни кои ги надминуваат предрасудите и ги рушат бариерите.
