Ане Апостолоска е дама со впечатлив стил: „Немам за луксуз, сакам ведри бои, а кратката коса ми е опсесија по хемотерапијата“
Љубител сум на капи, очила за сонце или какви било модни додатоци, носам парчиња кои не мора да бидат бренд, туку само да ми се допаднат на прво видување.
Некогаш знам и можам да го предвидам модниот тренд и после сама на себе да си речам… „Еее, па јас ова од кога го носев“.

Сакам бои, многу сакам бои... Знам дека со црната боја никогаш нема да погрешиш, ама не ја сакам, а гледам сѐ повеќе млади ја носат баш таа боја.

Сакам светлост, сакам некој кога ќе влезе да ме осветли, да ме огрее.
Колку и да сакаш да го следиш модниот тренд, доколку немаш свој сопствен стил сигурно ќе се удавиш во сопствените комбинации и тоа веќе не е мода, туку една „copy paste“ личност што сака да изгледа модерно.

Со ова сакам да кажам дека стилот или го имаш или не, со него се раѓаш или си копија на сите други, тој е огледало на личноста и со него можеш да бидеш запаметен, приметен, впечатлив со еден збор СТИЛОТ Е ТВОЈАТА ИДЕНТИФИКАЦИЈА.

Освен што обожавам капи, секогаш сакам да носам квалитетни обувки и чанти. Не секогаш можам да си ги дозволам, но се трудам тоа да биде така.
Кај секој човек прво гледам дали обувките му се чисти, тоа го знаат сите мои блиски луѓе. Чистите обувки ја покажуваат хигиената на еден човек и затоа сакам чевлите, патиките, обувките да ми бидат секогаш светнати.

Многу ми е криво кога ќе видам некој што има пари, а не знае како треба да се облече и става сѐ на себе и на крај изгледа како новогодишна елка. Затоа би рекла не е сè до парите, можете да изгледате совршено доколку имате вкус односно изграден стил и со малку пари.

Можете да облечете најскапо парче, а да ја џвакате храната со отворена уста или да облечете здолниште, а да седите како на спортски натпревар.

Сакам да напоменам дека стилот не значи само облеката на тебе, стил е средување (уредување) на домот, на твоето работно катче, изгледот на твоите најблиски, а дури и начинот на комуникација и на исхрана.

