Марија и Борис живеат помеѓу два света, Скопје - Ротердам: Таа е на мастер студии, тој создава музика
- Детали
- четврток, 09 октомври 2025
„Во Холандија децата буквално уште од раѓање во количка ги шетаат боси, излегуваат со мокра коса, пливаат во каналите и родителите ги возат со себе на велосипед“, вели Марија Цветановска од Скопје за CRNOBELO.com, која со сопругот Борис го живее својот сон на релација Ротердам - Скопје и го расте синот на холандско - македонски начин.

Марија Цветановска од Скопје за CRNOBELO.com за животот во Холандија вели: „Јас градам империја во убавината, а тој создава музика - заедно живееме на релација Ротердам - Скопје и го остваруваме својот сон“.
Таа расте детенце во Ротердам и ни доловува колку пристапот кон децата е поинаков во Холандија, но и како е да се градат кариера на релација Скопје - Ротердам.

За животот во Ротердам-Скопје, Марија вели:
„Јас градам империја во убавината, а мојот сопруг создава музика. Кога ќе се спојат креативноста и храброста да сонуваш, се раѓаат приказни што инспирираат.
Нашата започна во Македонија, но денес продолжува во Холандија, на релација Скопје – Ротердам.

Нашата приказна го спојува светот на убавината со светот на музиката, деловниот дух со уметничката душа, и приватниот живот со родителството.
Сè започна со Velvet Beauty and Academy – мојот сон кој прерасна во бренд. Сакав да создадам простор што ќе биде повеќе од салон за убавина – место каде жените ќе се чувствуваат силно, инспирирано и вредно.
Денес, Velvet не е само салон, туку и академија која создава идни професионалци и им отвора пат кон кариера.

Убавината за мене е многу повеќе од изглед – тоа е самодоверба, а токму тоа е сржта на Velvet.
Во моментов сум дел од мастер студии во Амстердам, во насока која е директно поврзана со мојата професија.
Мојот истражувачки труд е на тема „Еколошка свест и подготвеност за плаќање за одржливи козметички производи: компаративна студија на Македонија и Холандија“.
Ова истражување ми овозможува да ја поврзам науката со практиката и да го збогатам Velvet со нови идеи.

Иднината на убавината е свесна, одговорна и одржлива.
Студиите во Холандија ми овозможија да ги гледам работите од нов агол. Бенелукс е дом на иновации, особено во индустријата за убавина, и сè што учам таму, го носам назад во Македонија.
Velvet е мост што ги поврзува двата света – современите трендови на Холандија и топлината и креативноста на Македонија.

Неодамна, заедно со тимот на Velvet, го лансиравме веб-сајтот thevelvetschool.com – онлајн академија посветена на современа едукација во областа на уметноста и креативните индустрии.
На платформата, заинтересираните можат да изберат различни курсеви и програми за онлајн учење.
Преку The Velvet School, го споделувам своето искуство и знаење стекнато со години работа и истражување во уметноста.
Во моментов академијата е достапна на македонски јазик, а наскоро следи и верзија на повеќе јазици за поширока, интернационална достапност.

Мојот сопруг неодамна под своето уметничко име Ris Flower го издаде своето EP „Cycle“, со промоција во Ротердам, што за него беше голем чекор во кариерата, а за мене повторно доказ дека со талент и упорност соништата можат да станат реалност.

Сепак, меѓу сите предизвици и деловни планови, најубавата и најважната улога во моментов е улогата на родители.
Нашето дете моментално расте меѓу два света – имајќи прилика да го почувствува најдоброто од Македонија: семејните вредности, топлината и традицијата – и најдоброто од Холандија: слободата, мултикултурноста и современиот начин на живеење.

