Бале Брзи (72) е херојот од Скопски маратон, истрча 42km во македонска народна носија: „Трчам уште од 1970-та“
- Детали
- понеделник, 06 октомври 2025
„Го имаме неформалниот победник на маратонот! Не трчаше за медал, туку за Македонија“, беа коментарите за Благоја Ацковски (72) од Скопје, а ние не можевме, а да не го исконтактираме. И не нè разочара, и ведар и инспиративен и за секоја пофалба. Ни кажа дека истрчал повеќе од 45 полумаратони, планинари, си прави домашно слатко, има овоштарник, а матичната докторка ја посетува само еднаш годишно. Браво хероју од реалноста!

Благоја Ацковски (72) од Скопје познат како Бале Брзи е учесникот кој привлече најголемо внимание на Виз Ер Скопскиот маратон 2025.
Фотографот Горан Анастасовски сподели фотографии што ги направил од него и напиша:
„Го имаме неформалниот победник на маратонот!
Не трчаше за медал, туку за Македонија.
Во народна носија, со гордост и срце, тој го претвори маратонот во празник на традицијата.
За мене – вистинскиот победник!“…

И ние се согласуваме апсолутно со секој збор посветен на инспиративниот Благоја.
И не можевме, а да не го контактираме, а тој во телефонски разговор за CRNOBELO.com сподели низа детали за себе.

Благоја го прогласуваме за македонска позитива и инспирација и за пример како треба да се живее.
Тој ни сподели дека дури и матичната докторка се шегува со него дека ако сите пациенти биле како него - фармацевтите ќе немале работа. Благоја, всушност, ја посетува само еднаш годишно кога оди на спортска медицина.

Неговата приказна за CRNOBELO.com:
„Мило ми е што привлеков внимание на скопскиот маратон. Носијата е скопска и ја зедов од фолклорното друштво Никола Јонков Вапцаров.
Услов ми беше да не е многу тешка за да можам да трча. Имав среќа денот да е со пониска температура, па жешко ми стана дури при крај.

Трчав 42 километри и мотив ми даваа и реакциите на луѓето кои беа воодушевени. Буквално владееше делириум.

Многу странци се сликаа на крајот од трката со мене, а за оваа пригода пуштив намерно и подолги мустаќи.

Трчам од далечната 1970/71 година уште во Вардар и Работнички.
Во 2017 година отидов во пензија, па тој период многу интензивно започнав со планинарење. Планинарењето ми е уживање и го практикувам до денес.

