Јованчо (28) од Кочани е сопственик на ресторан во Германија: „Работиме семејно, локалот е во куќата каде што живееме“
- Детали
- вторник, 14 октомври 2025
„Во Германија живеам од 2013 година, а во 2019-та успеав да отворам македонски традиционален ресторан, каде служиме и пастрмајлија и тавче гравче и скара. Tука полесно се отвора свој бизнис и помирно е за работа“, вели Јованчо Стефанов (28) од Кочани за CRNOBELO.com.

Јованчо Стефанов (28) од Кочани живее во малото живописно село Најперк (Neipperg) во јужна Германија, кое се наоѓа блиску до градот Хајлброн (Heilbronn).
Таму со сопругата и со неговите родители отворил македонски традиционален ресторан (Zur Traube-Neipperg) во 2019 година и до денес успешно го води.
Покрај ова, Јованчо работи и како камионџија.
За неговиот бизнис тој споделува детали за CRNOBELO.com:
„Тука сме од 2013 година, но од 2019 година сме сопственици на ресторан.
Ресторанот е семеен бизнис го работиме заедно со мојата сопруга и со огромна поддршка од моите родители.

Отсекогаш имав желба да отворам свој ресторан.

Кога дојдовме во Германија почнав прво на курс, па на училиште и сето тоа така се одвиваше.

Потоа, почнав да работам во еден ресторан во Германија и по неколку години ја пронајдов куќата каде што моментално живееме и каде што е ресторанот денес.

Објектот ми се допадна затоа што замислив како таму си отворам свој македонски традиционален ресторан.

Во околината нема македонски ресторани, а нема многу ни балкански, па така ни дојде идејата да работиме со ова.
