Бомбакис почна нова сезона со подкастот во автомобил: „Сакам да се повозиме со Каролина Гочева, макар и во Битола“
- Детали
- четврток, 09 октомври 2025
„Најзабавна епизода до сега ми е со Нине - детето од рекламите, зашто децата секогаш се искрени и кажуваат што мислат, па имаше неочекувани одговори. Инаку, секогаш има поздрави од други коли додека возиме - свират, отвораат прозор“, вели Бомбакис, кој ја почна новата сезона од својот подкаст во автомобил.

Кристијан Станковски - Бомбакис, одамна не е веќе само „дечкото со картоните“ - тој има и свој подкаст, водеше емисија заедно со Марко Новески, а неодамна ја почна и втората сезона од својот подкаст во автомобил (carcast).
За новата сезона, најинтересните моменти од досегашните емисии, дали ги застануваат други возила кога ќе ги видат, но и кој му бил најинтересен соговорник, Бомбакис откри во разговорот за CRNOBELO.com:
„Идејата за carcastot (подкаст во автомобил) ми дојде од тоа што ми здосади од подкастите кои ги правев бидејќи беше многу статично и муабет по саат и пол до два во место.
Јас сакам нешто да се случува цело време, динамично да биде, да има движење.
И, го видов Мими со југото, ми беше инспирација човекот реално. Си реков: ‘Ова е тој формат што треба да го направам’.

Ова е втора сезона, откако првата имаше 33 епизоди.
Гостите првично сакам да се на таа бранова должина да бидат опуштени, да има муабет реален без глумење, како и да е - тие сме, во живо.
Во Македонија се знаеме сите, на една рака се броиме.

Најзабавна епизода до сега ми е со Нине - детето од рекламите.
Децата секогаш се искрени и ти кажуваат тоа што го мислат, па имаше интересни и неочекувани одговори од негова страна.

Инаку, секогаш има поздрави од други коли додека возиме - свират, отвораат прозор да нè поздрават.
Обично возам низ Аеродром ради тоа што булеварите се широки и нема голема гужва, па затоа тука се вртам.

Има интересни идеи за следните сезони така да нема да кажам што точно за да биде интересно за гледачите и можеби изненадување околу форматот на емисијата.

А како неисполнета желба - сакам со Каролина Гочева да се повозиме, па макар и во Битола, зашто сум сигурен дека ќе има добар муабет со неа - Каролина е доктор за тоа што го работи“.
Прочитајте и „Без филтер“ со... Бомбакис: „Картонот дека го победив ракот ми беше најемотивен“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
