Миро Кацаров ја обожава ќерката на сопругата од првиот брак: „Ја запознав Миа на 2 години - денес сме неразделни“
Како изгледаше вашата прва средба?
Миа првпат ја сретнав неколку месеци откако почнавме врска со Ивана.
Тогаш имаше 2 и пол годинки и со мајка ѝ беа во молот, а јас отидов да ги пречекам таму.
Се сеќавам Ивана се врати од некој пат, па ми донесе подарок, имаше некој подарок и за Миа, Миа јадеше некои бонбони во колата, па лом ми направи.
Беше симпатично дете и ме гледаше во очи, ѝ беше чудно. Ама, знаев дека тоа е тоа, дека тоа дете ќе остане со мене до крајот на животот.

Ти беше ли чудно на почетокот, знаејќи дека со Ивана почнавте да живеете заедно брзо откако ви почна врската? За тебе, верувам, ова беше голема промена?
Јас ја чекав оваа промена. Што се вели, го изживеав животот и на 36 години, или 37, почнав да живеам со Ивана.
Јас живеев сам од 18 години, и тука, а живеев и во странство.
Од 22 години, после факултет почнав да работам на телевизија и динамиката на животот ми овозможи да видам сè, па го чекав ова, да почнам да се смирувам, да формирам фамилија и да го следам примерот на моите родители кои имаат среќен и долгогодишен брак.

А како реагираше Миа на почетоците?
Миа реагираше како што и треба едно дете, иако, мислам дека се чудни патиштата на универзумот.
Неутрална беше на почетокот, замисли, мало детенце кое не знае кој сум, како ќе се поставам...
Детето не знае, но ние возрасните знаеме примери каде очуви не ги прифаќаат, не ги признаваат, ги уценуваат со децата, ги малтретираат...
Но, мислам дека со текот на времето ја примети таа љубов, и сега сме неразделни, сега сме татко и ќерка, буквално.
Ние сме дома НАТО пакт, никој не може да нè сруши, ние дома решаваме и ние дома се браниме од мајка ѝ, т.е од жена ми ха, ха, ха.

Дали ја разгалуваш?
Да, но ја разгалувам колку што треба. Таа е женска више, таа е татина маза и треба да се разгалува, ама до одредени граници.
На пример, не ја разгалувам кога треба да учи, да пишува домашно, да јаде, да измие заби сабајле или навечер, кога треба да биде дисциплинирана.
Но, ја разгалувам за купување, за шетање. Ако треба да ѝ се даде телефон 2 саати, јас ѝ давам 3, уште еден саат плус на телефон дневно, или наместо една рипка ѝ купувам две рипчиња.
Не е само купувањето, ама сакам да кажам - кога треба дисциплина и воспитување, не ја разгалувам.

Како го поминувате времето заедно?
Времето кое го поминуваме заедно ни е најубаво - или се гушкаме, или разговараме за школо и она ми кажува што се случува таму, или јас знам да ѝ кажувам работи како би била таа подобра во животот.
Знаеме да цртаме кога сме заедно, Миа многу убаво црта, гледаме цртани филмови, се возиме со автомобил за да стигнеме кај бабите и дедовците во Штип и во Тетово.
Времето го поминуваме баш како и сите фамилии кои се во нормален однос.

