Љубовната приказна на Мартинијан Кириловски и Лара: „Останав гладен на првиот ручек со нејзините од трема“
- Детали
- понеделник, 27 октомври 2025
„Една од поубавите и посимпатични работи што сум ги направил за неа беше Love jar, тегла полна со ливчиња на кои напишав зошто и колку ја сакам. Секоја белешка беше различна, некоја смешна, некоја сериозна, ама сите искрени. И секако, тоа не беше само теглата, вечерта ја заокружив со романтична вечера“, раскажува Мартинијан за љубовта со 8 години помладата девојка Лара.

Мартинијан Кириловски (29) многумина го препознаваат како пејач, но тој е и дипломиран менаџер по бизнис логистика. Неговата девојка, пак Лара Денковиќ (21) е студентка, апсолвент на Градежниот факултет во Скопје, но и млада и надежна писателка.
Парот е заедно веќе 3 години, а се запознале на роденден, каде што Мартинијан останал занемен кога ја видел.
Интересно е и тоа што нивните родители се познаваат, бидејќи мајките и на Мартинијан и на Лара се наставнички, а сепак првите средби на двајцата со родителите поминале со малку трема.

За нивната љубов, поддршката што си ја даваат, Мартинијан раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
Како почна вашата љубовна приказна? Кој го направи првиот чекор?
Нашата приказна почна на еден роденден, кај братучетката на мојот најдобар другар.
Јас тој ден имав настап, ама искрено, некако сцената ја изгуби тежината кога ја видов неа во публиката. Од тој момент, сè друго беше само позадина.
Јас го направив првиот чекор, секако, ха, ха. Не можев да оставам таква енергија да помине незабележано.
Малку шарм, малку смисла за хумор и ќе кажам, малку упорност. И ете, првиот чекор го направив јас, ама вредеше секој миг.
На почетокот бевме како од два различни света, јас веќе „искусен“, повозрасен осум години, а таа со младешки жар и енергија што ме враќаше назад во најубавите години.
Тоа што нè поврза беше некаква леснотија во разговорот, чувство дека се познаваш со некого цел живот.
Немаше игри, немаше глума, само искреност и некоја топлина што од првиот момент ни стана природна.
Заедно сме скоро три години. И секоја од нив беше различна, посебна и исполнета со нешто ново што нè научи за љубовта, за животот и еден за друг.

Со што те освои таа?
Со насмевката ме „сруши“. Знаете, има луѓе што зборуваат многу за да те освојат, ама кај неа беше доволна насмевка и еден поглед.
После тоа можеше да каже и дека сака ананас на пица, веќе беше доцна, бев освоен.
Дали требаше да се потрудиш да ја освоиш ти, или симпатии постоеја на прва, па ти беше лесно?
Искрено, симпатиите беа таму од првиот момент. Тоа се чувствува, не можеш да го испланираш.
Ама, за добра личност како неа не е доволно само „на прва“.
Треба да се трудиш секој ден со внимание, разговор, спонтани гестови и со тоа да ѝ покажеш дека не си тука само случајно.
Таа вреди да се освојува постојано, не само еднаш.

Дали си романтичен? Која е најубавата романтична работа што си ја направил за неа (или таа за тебе)?
Да, романтичен сум, тоа не е нешто што го форсирам, едноставно ми доаѓа природно.
Верувам дека вниманието и малите гестови се тие што ја прават љубовта посебна.
Една од поубавите и посимпатични работи што сум ги направил за неа беше „Love jar“, тегла полна со ливчиња на кои напишав зошто и колку ја сакам.
Секоја белешка беше различна, некоја смешна, некоја сериозна, ама сите искрени.
И секако, тоа не беше само теглата, вечерта ја заокружив со романтична вечера, само ние двајца, без телефон, без гужва, само убав момент што остана за паметење.
