Љубовната приказна на Мартинијан Кириловски и Лара: „Останав гладен на првиот ручек со нејзините од трема“
Колку сте слични карактерно? Кој е поизбувлив, а кој смирува караници и полесно попушта?
Карактерно сме прилично слични што е и убаво и опасно во исто време.
Зависи од моментот, ама ако морам да бидам искрен, јас сум тој што побрзо „планува“.
Среќа што тоа кај мене трае кратко, затоа што таа има некоја супермоќ да ме смири со само една реченица или насмевка.
Кога ќе се појави некоја караница, интересно е што обично таа е порасположена и со полесен пристап, а јас сум тој што пробува да ја „спушти топката“ и да го врати мирот.
Така некако ја држиме рамнотежата - таа со хумор, јас со смиреност и со тоа најчесто победува љубовта.

Долго време сте во врска, но се сеќаваш ли на првите средби со нејзините родители, или на нејзината средба со твоите?
Да, се сеќавам многу добро на првата средба со нејзините родители.
Беше на Велигден, еден од нашите најголеми празници. Сè беше супер, атмосферата топла, масата полна, ама јас од преголема трема, останав гладен покрај целиот ручек.
Седам, се смешкам, зборувам културно, а во глава само мислам „немој да ти падне виљушката“.
Среќа што ги познавав од порано, затоа што нашите семејства се знаат, посебно мојата и нејзината мајка, колешки се, и двете наставнички во училиште во Куманово.
Тоа малку ја олесни ситуацијата, иако тремата не ме поштеди.
А слична сцена беше и кога таа ги запозна моите и таму многу смеа, малку трема, ама на крај сите со убав впечаток.

Колкава поддршка ти е во музичката кариера, а ти неа во писателската?
Огромна поддршка ми е во буквална и во секоја смисла на зборот.
Таа е првата што ги слуша моите нови песни, најискрениот критичар и најгласниот навивач во публика.
Знае кога ми треба поттик, а кога само тишина и простор да создадам. И навистина, тоа многу значи.
Од друга страна, јас ја поддржувам неа во нејзиното пишување, верувајте, тоа е магија што треба да се негува.
Ја охрабрувам да не се плаши да пишува со срце, да не се воздржува.
Кога таа создава, јас ја гледам во нејзиниот највистински облик.
И така, на некој начин, уметноста нè врзува уште повеќе, само во различна форма.

Што, според тебе, е важно за успешна и среќна врска како вашата?
Мислам дека клучот е во искреноста, почитта, компромисот, разбирањето и чувството за хумор.
Ако можете да се смеете заедно, полесно се минува низ сè.
Важно е и двајцата да знаете кога да попуштите, кога да слушате, и кога едноставно да се гушнете, без зборови.
Ние никогаш не сме се обидувале да бидеме „совршени“, туку вистински, со сите мали разлики и несовршености што нè прават човечни.
Љубовта не е само момент, таа е секојдневна одлука да се разберете и да се избирате еден со друг, повторно и повторно.
