Дорина, ќерката на актерот Бранко Ѓорчев: „Татко ми го изгубив на 22 години, мака ми е што не ги дочека внуките од мене и сестра ми“
- Детали
- вторник, 28 октомври 2025
„Татко ми постојано ми недостасува, постојано се присетувам. Тој беше татко, каков што и јас посакувам да сум родител со моите деца. И мислам дека ќе беше еден прекрасен дедо, за тоа мечтаеше. Неговата популарност никогаш не ја почувствувавме како товар, туку само како гордост“, вели Дорина Ѓорчева за својот прерано починат татко Бранко Ѓорчев.

Дорина Ѓорчева Митровска (35) од Скопје, по професија проектна координаторка, е ќерка на актерот Бранко Ѓорчев, кој, за жал прерано го изгубивме во 2013 година.
Дорина е во брак и има две деца и со задоволство зборува за спомените со нејзиниот татко, исто како и нејзината сестра Фросина.
Неговите одлични улоги добро ги помниме, но Дорина вели дека тој бил најспектакуларен во улогата на татко.
Дорина Ѓорчева споделува за CRNOBELO.com:
Каков ви беше односoт со татко ти? Како се сеќаваш на времето поминато заедно и на колку години го изгуби?
Мојот татко беше навистина прекрасен родител, па така и односот ни беше крајно отворен, искрен, непосреден…
Како и со мојата мајка, така и со него не постоеја табу теми за разговор, секогаш разговаравме отворено за сè, дури и кога требаше да нè искритикува мене или мојата сестра Фросина, тоа го правеше многу внимателно.

Имам премногу спомени од нашето заедничко време, бидејќи тој иако беше многу посветен на својата работа, беше и многу посветен на семејството и многу присутен и свесен родител. Родител кој беше емоционално зрел и родител кој даваше премногу љубов.
Имав неполни 23 години кога го загубив и до ден денес болката од оваа загуба се нема намалено по интензитет.

Која е најубавата лекција што ти ја пренесе тој?
Со татко ми постојано водевме долги разговори на многу важни животни теми. Иако, можеби тогаш не сум ги разбирала целосно, сега од оваа позиција и години, сè повеќе го сфаќам значењето.

За мене тој беше ризница на мудрости и секогаш знаеше да ми даде адекватен совет.
Не би можела да издвојам една, најубава лекција, но нешто кон коешто многу му се восхитував и тежнеам и јас кон тоа како индивидуа е неговиот однос кон луѓето. Тој кон сите имаше разбирање и почит, секогаш отворен за разговор.

Дали имавте некоја ваша мала традиција или навика што ти останала во срцето?
Мојот татко често велеше дека среќен го прават малите работи, а навистина така и беше.
Тој на пример обожуваше лазања, па имавме традиција одвреме-навреме да седнуваме фамилијарно во ресторанот Пелистер и да уживаме заеднички.
Имавме навика и лектирите по македонски јазик да ги анализираме заеднички и да водиме разговори за главните ликови до доцна во ноќта, така што тоа е нешто што ќе ми остане засекогаш врежано и што секогаш ми ја топли душата, кога и да се навратам.
Како го паметиш како татко, на страна од јавната сцена?
Бране како татко беше топол, насмеан, отворен, поддржувачки настроен, духовит…
Имаше многу интересен метод на воспитување, секогаш успеваше до допре до целта со многу хумор и малку цинизам.
Никогаш не нè караше, не повишуваше тон, секогаш разговараше со мене и сестра ми како со возрасни. Имаше целосна доверба во нас, а и ние во него да му се обратиме за каков било проблем.
