Светлана од Неготино за ќерката Драгица (30): „Ја доби дијагнозата церебрална парализа на двегодишна возраст - бев преплашена“
- Детали
- вторник, 07 април 2026
„Церебралната парализа e оштетување на мозокот, а кај неа настана како последица на крварење при тешкото породување кое го имав со неа“, вели Светлана Иванова за ќерка си Драгица и ја споделува нивната емотивна приказна, полна подеми и падови.

Светлана Иванова (55) домаќинка од Неготино е мајка на Драгица Иванова 30-годишна девојка со церебрална парализа, која од 7-годишна возраст користи инвалидска количка.
Светлана за сите деца со посебни потреби вели дека се „ангелчиња“, бидејќи тие никого не повредуваат, а често токму ним им се кршат срцата.

Таа ја споделува својата емотивна приказна за CRNOBELO.com:
„Мојата ќерка ја доби дијагнозата церебрална парализа на двегодишна возраст и во тој момент бев преплашена, збунета и изгубена, не знаев како ќе продолжиме понатаму.
Церебралната парализа претставува оштетување на мозокот, а кај неа тоа настана како последица на крварење при тешко породување.
Предизвиците беа огромни – редовни вежби и терапии во болницата во Охрид, многу труд, а резултатите во првите три години беа минимални. Тие три години речиси целосно ги поминавме во болница.

Успеавме до некаде да ја оспособиме да седи, иако нестабилно.
Работевме на говорот, како и на тоа да јаде и да џвака - практично ја учевме на основни работи како мало бебе.
На петгодишна возраст започна да оди во градинка и трите години поминати таму беа најубавиот период од нејзиниот живот.
Потоа се соочивме со нов предизвик – неможноста да продолжи во училиште, бидејќи објектот немаше пристап за лица со попреченост, а таа не беше способна самостојно да ја следи наставата.
Во тој период и градот беше целосно непристапен – при секое излегување во чаршија беше потребно двајца луѓе да ја кренат количката за да се искачи на тротоар, а за продавниците речиси и да немаше пристап.

Денес, по 30 години, можеме да кажеме дека работите почнуваат да се менуваат.
Се прават пристапи во продавниците и рампи за тротоари, иако сè уште има многу недостатоци. Инвалидската количка ја користиме од нејзината седма година.
Секогаш ми претставува предизвик да ја подготвам за животот што ја очекува. Драгица е многу комуникативна и дружељубива личност, има многу пријатели и луѓе кои ја почитуваат.

