Весела Христовска (36): „Имав мозочен удар при породувањето, го изгубив говорот на 3 месеци - денес се грижам за близнаците“
- Детали
- понеделник, 30 март 2026
„Најтешко ми беше губењето на говорот - афазијата. 3 месеци не можев да кажам ниту збор, комуницирав со мимики и погледи. Говорот ми се подобри, но кога сум многу возбудена или под стрес, знам да запнам - знам што сакам да кажам, но зборовите тешко идат“, вели д-р Весела Хистовска за CRNOBELO.com.

Д-р Весела Хистовска (36) е специјалист по семејна медицина, вработена во ПЗУ „Водњанска“. Пред скоро 4 години таа стана мајка на близначиња, но во моментот додека траело породувањето, без да знае, доживеала мозочен удар.
Таа децата првпат ги зела во рака 10 дена по породувањето.
Во меѓувреме се соочила и со афазија, односно го загубила говорот, па учела од почеток да зборува, а со блиските комуницирала со мимики.
Целата десна страна, како што вели, „не ѝ функционирала цели 3 месеци“, а и денес има проблем со некои движења.
Но, сето ова е зад неа, а денес, иако понекогаш ги чувствува последиците од мозочниот удар, ужива во мајчинството, повторно е посветена на професијата и му се радува на животот.

За својата необична животна приказна, колку била свесна што ѝ се случува во моментите кога се породувала, но и како учела повторно да оди и зборува, д-р. Весела раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
„Во 2022 година станав мајка на близнаци, но истовремено, додека траеше породувањето, без да знам, сум доживеала мозочен удар.
Имав уредна и нормална бременост, без никакви навестувања дека може да се случи нешто сериозно.
Ништо не укажуваше дека ќе се соочам со толку тежок предизвик.
Породувањето започна и заврши со царски рез. Токму во тие моменти се случил мозочниот удар, за што јас воопшто не бев свесна.
Се сеќавам дека плачев на породувањето и дека ги видов бебињата живи и здрави. Тоа ми беше најважно.
Понатаму ја изгубив свеста.

Не знаев што ми се случува. Мојот сопруг подоцна ми кажа дека сум имала мозочен удар.
До тој момент ниту знаев, ниту пак претпоставував такво нешто.
Кога ми кажа, првата мисла ми беше за моите деца - дека можеби ќе растат без мајка.
Тоа беше најтешкиот момент. Но веднаш потоа почувствував некаква сила во себе.
Му се помолив на Бог и верував дека ова е искушение кое ќе го издржам.
Верував дека ќе бидам тука за моите деца. Без Бог, ништо не е возможно.

Децата првпат ги зедов во раце по 10 дена, во болница. Едното го држев јас, а другото го држеше медицинска сестра.
Тоа беше еден од најемотивните моменти во мојот живот.
Во почетокот не можев да се грижам за децата - сè беше оставено на семејството.
Подоцна, постепено почнав да се вклучувам, а денес можам повеќе да се грижам за нив.
Денес сум многу подобро, иако патот до тука беше долг и тежок.

Моето лекување сè уште трае. Најтешко ми беше губењето на говорот - афазијата.
Три месеци не можев да кажам ниту еден збор. Со семејството комунициравме со мимики и погледи.
Денес сум вратена околу 90%. Сè уште ја вежбам десната рака и одам на физикална терапија.
Говорот ми се подобри, но кога сум многу возбудена или под стрес, знам да запнам - знам што сакам да кажам, но зборовите тешко идат.
Моториката во најголем дел ми е вратена, но сè уште работам на фини движења.
Говорот исто така значително ми се подобри. На почетокот беше многу тешко, но со упорност и логопедска терапија, успеав повторно да се изразувам.
Постепено се враќам и на професијата, чекор по чекор, без притисок.
Сè уште посетувам терапија, но повеќе како поддршка и одржување на постигнатото.

Денес најмногу го ценам секој момент поминат со децата, семејството.
Не се важни големите работи, туку малите - кога се смееме заедно, кога ги држам во прегратка, кога ги гледам како растат.
Сакам да бидам присутна, да ги слушам и да им посветам внимание.
Најубаво ми е кога сите сме заедно, мирни и среќни, без брзање - тоа за мене има најголема вредност“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
