Актерот Петар Стојанов за татковството: „Емра сакаше да бидам со неа на породувањето, но не се чувствував спремен“
- Детали
- вторник, 21 јули 2026
„Лена е супер спој од нас двајцата. Ги има земено најубавите работи. Мислам дека од Емра ги има независноста, снаодливоста и цврстиот карактер, а од мене емотивноста и оној мал дел од темпераментот што ја прави посебна“, вели Патар за CRNOBELO.com, за серијалот „Татковство“.

Петар Стојанов, актерот кој со години игра во Театарот за деца и млади, и ги развеселува најмалите со својата глума, има една важна животна улога што ја обожава - онаа на татко.
Тој и неговата сопруга, актерката Емра Куртишова се родители на Лена, која е родена на крајот на октомври 2023 година.
Оттогаш, универзумот на Петар е побогат за едно прекрасно девојче, за кое, тој во разговор за CRNOBELO.com признава дека го разгалува, но и дека кога треба - поставува граници.

За татковството и на кого личи повеќе Лена, и карактерно, но и физички, Петар ни раскажа во интервјуто:
Беше ли покрај сопругата додека таа се породуваше?
Не, не се чувствував спремен за тоа, иако Емра многу сакаше да биде така.

Како го славеше раѓањето на ќерката?
Дома, со мајстори, работевме на монтажа на плакари и чекавме да се роди Лена. Беше многу смешно.

Се сеќаваш ли на моментот кога првпат ја виде Лена?
Да, ја видов на камера неколку минути по раѓањето.
Бев тотално избезумен, почнав да се тресам од возбуда.

Дали си менувал некогаш пелени? Си станувал ли ноќе за да ја заспиеш, нахраниш ќерката?
Го правев тоа до пред некое време, не ми претставуваше никаков проблем, а во ноќите бевме супер организирани за хранење.
Еден мал плач и млекото веќе беше спремно во кое било време од ноќта.

Ѝ раскажуваш ли приказни и која ѝ е омилена? Дали додека читаш/раскажуваш ги глумиш ликовите со поинаков глас?
Лена е театарско дете, првата претстава ја гледаше на неполна година, така што ние си раскажуваме и глумиме цели претстави по дома.
И нормално, таа е секогаш главниот лик.
