Хари Мата Хари за CRNOBELO: „Ги сакам прошетките низ Старата скопска чаршија, Македонките имаат поглед кој не се заборава“
- Детали
- вторник, 14 октомври 2025
„Искрено, ретко кој денес ме вика Хајрудин. Тоа име е останато некаде во детството, во некои стари времиња. За сите сум само Хари - така луѓето ме познаваат и така и јас се чувствувам“.

Еден од најпопуларните босански пејачи на сите времиња, Хари Варешановиќ (64), познат и како Хари Мата Хари, според името на својот бенд, на 24 октомври ќе одржи концерт во Скопје.
Ова ќе биде еден од неколкуте концерти во регионот што ќе ги одржи периодов, а со кои ќе прослави цели 40 години на музичката сцена. Како гостин на концертот ќе биде познатиот екс-ју бенд „Валентино“.
Пред доаѓањето во Скопје, босанскиот шармер ексклузивно во интервју за CRNOBELO.com зборува и за музиката и за приватниот живот, и порачува: „Сакам публиката да си замине од концертот како да доживеала нешто посебно“.

Прочитајте го интервјуто:
По неколку години доаѓате на голем концерт во Скопје. Освен безвременските хитови, дали ќе има некакви изненадувања за публиката?
Убаво е да се слушне дека луѓето и понатаму ги пеат тие песни. Тоа значи дека го пронашле патот до нивните срца и дека сѐ уште живеат свој живот, без оглед на времето.
Секако, ќе има и изненадувања. Подготвуваме и неколку песни кои долго не сум ги пеел во живо.
Сакам публиката од концертот да си отиде со чувство дека доживеала нешто посебно.

Кај нас сте секогаш добредојден, но по толку многу посети, концерти, гостувања, дали некогаш се чувствувате како дома?
Искрено, одамна се чувствувам како дома во Скопје.
По толку години и многубројни настапи овде, се создаде некоја посебна врска помеѓу мене и публиката.
Тука има нешто во луѓето, во таа топлина, гостопримството… можеби затоа што потсетува на Сараево - истата душа, истиот хумор, на ист начин се седнува да се помуабети, да се запее.
Кога ќе ме пречекате, тоа не е концерт, тоа е средба со драги луѓе.

Дали има нешто во Скопје што ве потсетува на вашето Сараево? Кои се местата во градот, или низ земјава, кои сакате да ги видите кога сте кај нас?
Сум го поминал скоро секој дел од Македонија и секаде сум ја почувствувал истата емоција - топлина на домот, искрена насмевка, отворено срце.
Тоа е она што секогаш ме враќа назад.
Посебно ја сакам прошетката низ Старата чаршија во Скопје, има некој мир, тој спој од старо и ново што секогаш ме потсетува на Сараево.
Градовите се убави, но тоа што останува во сеќавање се луѓето - тие се вистинскиот дух на оваа земја.
Трите ваши омилени работи во Македонија се...
Луѓето. Музиката. Храната.
Тоа се трите работи кои Македонија ги има во изобилство и кои не можат да се купат, ниту заменат. Сѐ останато доаѓа и си оди.

Со децении ве следи епитетот на шармер и заводник... Низ сите овие години, дали некогаш имало девојка од Македонија што ве маѓепсала?
Па знаете како велат - секоја жена од Македонија го има тој посебен поглед кој не можеш да го заборавиш.
Шегата на страна, генерално за мене се важни луѓето, не само изгледот.
Низ мојата кариера имав среќа да запознаам многу прекрасни жени - интелигентни, духовити, топли. Тоа е она што останува, не само убавината.

Дали некој ве вика со вашето вистинско име Хајрудин, или не одговарате кога ќе го чуете тоа име, наместо Хари?
Искрено, ретко кој денес ме вика Хајрудин.
Тоа име е останато некаде во детството, во некои стари времиња. За сите сум само Хари - така луѓето ме познаваат и така и јас се чувствувам.
Навиката е чудо, а мене денес ми изгледа дека тоа име најмногу ми доликува.
Кој влијаеше најмногу на тоа каква личност сте денес?
Мојот дедо. Тој ме научи дека музиката е многу повеќе од ноти - тоа е начин на живот.
Ме учеше да ги почитувам луѓето, да не гледам кој е кој, туку какво срце има.
И секако, мајка ми - таа беше моја поддршка. Мислам дека сѐ што сум денес, се должи на тие лекции од дома.

