Наташа од Струмица за ракот на дојка: „Децата (12 и 5) ме проверуваа дали дишам - тоа ми беше потешко од хемотерапиите“
- Детали
- четврток, 30 октомври 2025
„Во септември 2020-та самоиницијативно направив ехо на дојка и ми рекоа дека сè е во ред, за во април 2021-ва да почувствувам топче. Прво ми текна да го побарам мојот гинеколог, беше време на ковид и не знаев каде да се обратам. Тој виде некое воспаление и ми даде антибиотик и со тоа се направи грешка, зашто лекот го повлече топчето. Во октомври тоа пак се појави, во поголема форма“, вели Наташа од Струмица (47) за CRNOBELO.com.

Нашата Бабулова Ангелеска (47) од Струмица, веќе 15 години е сопственик на модното ателје „Бабулова Ангелеска“.
Таа во 1997-ма се запишала на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, каде што дипломирала на отсекот конфекциско инженерство, а денес е успешна деловна жена, сопруга и мајка на две деца.
Но, Наташа е и жена-борец, која во 2021-ва година дознала дека има рак на дојката, а во времето додека активно се лекувала, ја преживеала и семејната трагедија - смртта на татко ѝ неколку дена по примањето хемотерапија.
Сето ова ја направило многу посилна, а Наташа денес не само што се грижи за себе, туку се труди да им помогне и на другите жени кои минуваат низ истото, за полесно да се соочат со болеста, да ја победат, но и да знаат дека не се сами.

Во интервју за CRNOBELO.com, Наташа ја раскажа својата приказна:
Пред колку време ви беше дијагностициран рак на дојката... Дали се случи тоа на редовна контрола или самата почувствувавте нешто со напипување на градите?
Дијагнозата ја добив во 2021 година, со тоа што во септември 2020-та приватно, на сопствена иницијатива, направив ехо на дојка и ми беше речено дека сè е во ред, за во април 2021-ва година, додека работев на машината за шиење, почувствувам топче.
Прво што ми текна беше да го побарам мојот гинеколог, затоа што беше време на ковид и не знаев каде да се обратам.
Тој виде некое воспаление и ми даде антибиотик и со тој чекор се направи грешка, зашто антибиотикот го повлече топчето. Но во октомври 2021-ва повторно се појави, во поголема форма.
И од тој момент почна мојата приказна по клиничките ходници.

На колку години ја добивте дијагнозата? Каква беше првата реакција откако ви соопштија?
Дијагнозата ја добив на мои тукушто наполнети 43 години. Прво бев на редовна контрола на тумор маркери, но тие не беа нешто драстично зголемени.
Но, мој близок доктор ми најде термин да направам мамографија во болницата „Букурешт“. До денес ми се врежани речениците на докторката која ми го прочита мамографот.
„Ви се извинувам но не можам да ви дадам извештај“, ми рече, тоа затоа што не бев на закажана на термин туку овде улога одиграа познанствата. Ама додаде дека мора да ме види торакален хирург.
Долу ме чекаше мојата фамилија, сопругот, ќерка ми од 12 години и син ми (5).
Солзите течеа сами, се симнував по скалите, подзастанав, го избришав лицето, се насмеав и си реков „Ти си силна и ќе продолжиш како и до сега, со насмевка“.

Како се справивте со шокот?
Не знам дали ќе го наречам шок. До моментот додека не почна да ми тече низ вените течноста наречена втор живот, некако како да во себе да си мислев дека не е дијагнозата канцер.
После направената мамографија отидов на радиологија, каде докторката ми потврди дијагнозата.
Излегов повторно со солзи, но за кратко повторно следуваше насмевка.

Како течеше процесот на лекување?
Прво кога се сретнав со торакалниот хирург, ми рече дека ќе се вади цела града. Откако се разбудив по операцијата, видов дека не е извадена.
Јас сум оперирана квадратно. Мојот тумор беше мал, но ми се извадени и 11 лимфни жлезди од кои две беа позитивни.
Па следуваа 8 хемотерапии и 15 зрачења. Сè уште сум под таблетарна терапија.

