Наташа од Струмица за ракот на дојка: „Децата (12 и 5) ме проверуваа дали дишам - тоа ми беше потешко од хемотерапиите“
Како ја водевте вие вашата животна битка?
Мојата креативност и работата со моите клиенти ме водеа и сè уште ме водат низ животот и процесот на лекување.
Секоја креација е поттик за понатамошно креирање, за залагање.
Истовремено, и приклучувањето кон групата „Пеперутки“ и запознавањето со сите тие жени кои го примиле и го поминуваат тој пат ми помогна многу, како и приклучувањето кон здружението „Хема онко“.
Сите тие активности, помагањето на жените кои го почнуваат тој процес, ме прават среќна, задоволна и исполнета.
Тие наши дружби се посебни и сфаќаш колку моќ има во секоја од нас.
Секоја сама за себе е посебна, но секоја од нас со иста големина и желба што значи живот после канцерот.

Што променивте во начинот на живот?
Променив многу работи, но лично за себе. Сфатив колку е вреден животот.
Научив да се сакам прво себе, а после сè останато. Колку и да звучи егоистички, тоа е вистинито.
Сфатив дека ако не се борам, не успеам и ако ме нема повеќе, секој ќе го најде својот пат и ќе продолжи да живее и без мене, а јас нема да се вратам .
Затоа живеам со полни гради, сè тоа што ми прави задоволство си го пружам.

Колку време сте cancer free и какво е чувството сега?
Cancer free сум веќе 4 години. Се чувствувам своја. Се чувствувам среќна.
Се чувствувам исполнета и многу повеќе изградена како личност.

На колку време треба да правите прегледи во иднина?
Ехо на дојка правам на 6 месеци, мамографија на година. Сè друго останато по потреба и зависно од резултатите.
Во месецот за зголемување на свесноста за опасноста од ракот на дојката, дали сте вклучена активно во некои активности? Дали по своето трауматично искуство, сега ги советувате девојките и жените и која е вашата порака?
Од првата година како што станав онколошки пациент сум активна, и не само во месец октомври, туку 365 дена во годината.
Секогаш кога имаме некоја панел трибина или настан од страна на „Хема онко“, одам да се едуцирам и мислам дека сите треба да го правиме тоа.
Секоја едукација поврзана со нашата дијагноза е корисна и помага како понатаму со нашето лечење.
Искрено, некогаш ме револтираат пациентите кога барате совет на социјалните мрежи и не можам да сфатам дали мислат дека некој од нас е доктор за да им се помогне.

Според мене, секој треба да подига свест за тоа што значи лекување на канцер пациент, што сè е потребно за време на третманот и после завршувањето на истиот, а тоа ќе се постигне со почести трибини, со панел дискусии.
За жал бројките на ново заболени од рак на дојка расте. Па затоа, почнувајќи од девојчињата од 15-16 години возраст, па до жените во позрели години, еднаш месечно да си прават сите самопрегледи.
Секоја промена што ќе ја почувствувате на сопственото тело нека биде аларм за ехо или мамографија, а не занемарување со изговор дека не е ништо страшно.
Секое рано откривање значи спасен живот.
Имам доста жени кои ме контактираат, некогаш во една недела се случува да ме побараат и околу 15 жени за да им го споделам моето искуство.
Им ја давам мојата поддршка и сум среќна дека некој живот ќе продолжи позитивно благодарение на мојата приказна.
Жени, сакајте се и верувајте во себе, зашто животот нема реприза.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
