Столе Димитриевски за CRNOBELO.com: „Сопругата ми го критикува модниот стил, сонувам да се пласираме на Светско 2026“
А како би го опишал твојот моден стил, зашто тебе сметаат за еден од најдобро облечените голмани во светот?
Сакам „стрит“ стајл, сакам исто и елегантни ствари, така што стилот ми е микс од улична мода и елеганција.
Сакам да ти кажам, кога се спремам, кога се облекувам по мое, се чувствувам убаво.

Колку тоа што живееш во Шпанија ти помогна да го изградиш модниот стил?
Можеби малку и ми помогна, но јас доста патувам кога имам време.
Па на тие патувања гледам поразлични светови, поразлични стилови, а дел од тоа го вклучувам и во својот стил на облекување.
Најбитно е човек да се пронајде самиот себе кога избира гардероба, да се осеќа комотно и убаво во она што го носи.

Те бараат ли често за соработки, да сликаш едиторијали или да рекламираш облека?
Да, нормално, има доста покани, некои и преку Инстаграм ми пишуваат, ми нудат да рекламирам нешто.
Но многу пати кога некој бренд ќе сака да ми испрати нивни продукти, ги гледам дали мене ми се свиѓаат.
Зашто ако не се поклопуваат со мојот стил, тогаш не ги земам работите што ми ги нудат.
Едноставно, подобро да ги земе некој што ќе ги носи, што ќе му се допаднат, наместо јас да ги земам со сила.
Тоа е моја некоја филозофија што функционира.

Се чувствуваш ли удобно кога ќе застанеш пред апарат за да те фотографираат?
Да, имам направено неколку модни фотосесии и немам никаков проблем со тоа.
Океј ми е кога се сликам за рекламни кампањи, немам проблем да застанам пред апаратот.

Кое ти е омиленото парче гардероба без кое никогаш не тргаш на пат?
Панталони. Немам некои конкретни, што мора да ги понесам со себе, но обично без панталони не тргам на пат.

А што не би облекол никогаш?
Мислам дека не постои такво нешто. Сè би облекол што на мене ми се допаѓа, ако ми е удобно во тоа, колку и да им изгледа необично на другите, јас немам проблем со тоа да го носам.

Пролетта воодушеви со малку поинаков стил, кога носеше елегантен бел костум на тенискиот турнир во Мадрид. Кој ти ја бираше облеката за таа пригода?
На турнирот бев повикан од Lacoste и тие ми испратија неколку парчиња, а јас требаше да изберам од тоа и да ги искомбинирам.
Минатите години кога бев на истиот турнир избирав нешто елегантно во комбинација со кежуал парчиња, но оваа година се решив за вистински елегантна комбинација. И стварно се осеќав добро во него.

Дали твојата сопруга некогаш знае да те искритикува за стилот или ти дели комплименти?
Таа ме критикува, мајка ми ми критикува, татко ми ми критикува, али прифаќам критика зашто јас сум тој што ги прашува како ми стои ова, како изгледа со боите зашто сакам да комбинирам со бои, така што прифаќам критика и немам проблем со тоа.
А и јас го критикувам нивниот стил кога ќе видам нешто што не ми се допаѓа на нив.

