Дијана Мариновска, детски физијатар: „Паткањето на децата е најголем проблем, но и погодувањето број на обувки“
- Детали
- вторник, 11 ноември 2025
Разговараме со м-р Дијана Мариновска, детски физијатар, за грешките на родителите во развојот на децата: „Ако пробуваме да седнеме неподготвено бебе, тоа ќе паѓа подгрбавено, или ќе седи без многу движења, а кога ќе паѓа, нема да знае да се заштити. Сите помагала како дубаци и џампери се непрепорачливи. Поголемите деца не треба да носат тешки ранци, а за големина на чевли на сите им велам - вадете ја влошката од обувката за да се проба“.

Дијана Мариновска e магистер по физикална терапија во педијатрија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ и работи на процена и интервенција кај бебиња 0-12 месеци.
Таа работи со деца за нивниот правилен физички развој и држење на телото, а за CRNOBELO.com споделува многу совети кои ќе им бидат од корист на родителите.
Од тоа кои се грешките кои ги прават родителите со децата уште од најмала возраст при седнување и проодување, до претерана заштита и фактори кои влијаат на несоодветен развој и држење на телото.
Во продолжение целото интервју со м-р Дијана Мариновска за CRNOBELO.com:
Што точно работи детскиот физијатар и кога родителите треба да побараат консултација?
Детскиот физиотерапевт работи стимулација и интервенција при промени во физичкиот развој кај бебето.
Односно ако едно бебе доцни во развојот, детскиот физиотерапевт ќе прави или ќе му покаже на родителот да прави дома вежби кои ќе го стимулираат развојот.
Ако бебето е порано родено, ако има промени во мускулите (многу згрчени или многу опуштени мускули), детскиот физиотерапевт ќе употреби методи и техники кои ќе влијаат врз регулирање на мускулниот тонус.
Ако едно бебе користи една рака или нога повеќе, ја држи главата постојано на една страна, па и ако главчето се зарамнило на една страна, детскиот физиотерапевт ќе употреби позиции, вежби и игри кои ќе го стимулираат бебето еднакво да го користи секој дел од своето тело.
Родители на бебиња што се порано родени или бебиња што имале некакви тешкотии при породувањето, како пролонгирано породување, асфиксија, крвавење во мозочето, бебиња што доцнат со постигнување на развојните пресвртници, треба да консултираат детски физиотерапевт.

Кои се најчестите причини поради кои родителите доаѓаат кај Вас со своите деца?
Убедливо најчеста причина за која доаѓаат кај мене е сплескано главче или преферирање бебето да го држи главчето на една страна и тешкотии бебето да биде легнато на меше.

На која возраст детето треба да почне да седи и дали е проблем ако од порано се држи во седечка положба во скут или потпрено на перница, пример?
За секое поголемо постигнување во развојот на бебето имаме период од-до затоа што не се сите бебиња исти, но и напредна наука, која покажува зошто не е убаво достигнувањето да биде пред периодот или потоа.
Па така и за седнувањето, најнормално е бебето да седне од 7 до 10 месеци и тоа не е норма само кај нас туку во целиот свет.
Кај нас, а и сѐ уште во некои земји постои тврдењето дека бебето ќе научи да седи ако го седнуваш и тоа донекаде е точно, но не на возраст од 5-6 месеци.
Тогаш бебето не е подготвено за седење, а има други цели за постигнување и усовршување како вртење и подготовки за четириножна позиција.
Па така, ако седнуваме неподготвено бебе, тоа ќе паѓа подгрбавено, или ќе седи без многу движења, а кога ќе паѓа, нема да знае да се заштити.
Затоа едно огромно „не“ за порано седнување или заштитување со перници. Бебето само или некогаш со помош на стимулативни игри и вежби ќе совлада сѐ како што треба.
Кога се очекува децата да почнат да лазат и дали е вистина дека е подобро да научат да лазат, отколку директно да почнат да одат?
Децата обично пролазуваат околу 7-8-ми месец и секако лазењето е добро за грпчето, но и одлична подготовка за одење.
Сепак, пред неколку години лазењето е тргнато од официјалната листа за достигнувања во физичкиот развој кај бебето од Американската педијатриска организација затоа што има бебиња што не лазат, но тоа не покажува никакви отстапки во нивниот развој.
Кои се најчестите грешки на родителите при обидот да го научат детето да оди? Дали треба детето да се „патка“ (и зошто) или треба само да го почне процесот кога ќе биде подготвено?
Дефинитивно, паткањето е најголем проблем во однос на проодувањето затоа што на тој начин бебето се форсира но не се пушта, па многу често гледаме веќе и деца поголеми од година и пол кои сѐ уште одат само доколку некој ги држи за рака.
Бебето треба да се остави или да се стимулира низ игри и вежби, да се исправи и да се пушти да оди, да се осамостои, да развие самодоверба дека може да се остави и да падне.
Доколку бебето седнува самостојно без заштитување со перници, на пример, тоа уште со седнувањето ќе го совлада правилното паѓање, па кога ќе падне при проодување, ќе се заштитува со рацете или ќе падне на газе.
Ортопедите често велат дека за да прооди едно бебе, треба барем 100 пати да падне.

