Дијана Мариновска, детски физијатар: „Паткањето на децата е најголем проблем, но и погодувањето број на обувки“

Дали дубаците се препорачливи, со оглед на тоа што на многумина им се спас, но во последно време се зборува дека треба да се избегнуваат? Кој е Вашиот став?

Дубаците, како и други помагала како џампери, не ги препорачуваме.

Бебето ќе совлада сѐ и најважно, ќе размислува како притоа да постапи наместо да биде поставено во некакво помагало.

Користејќи ги тие помагала или научуваат да одат на прсти или се менува центарот на тежината на телото, па научуваат да одат пребргу, мислејќи дека се заштитени во дубакот па така и лошо паѓаат.

dijana-marinovska-detski-fizijatar-04_copy.jpg

Дали детето треба да се заштитува со перници (како ранче што се носи на грбот) при проодување или да се користат оние ремени што им олеснуваат на родителите при прошетки?

Никакви помагала и никакво олеснување на процесот на учење, тоа е лоша услуга.

Ако бебето паѓа на глава, не купуваме перниче за да ја заштити главата затоа што нема секогаш да го има перничето, туку го учиме како да падне и како само да се заштити.

Кои грешки често се прават при изборот на обувки за деца и како тоа влијае, кои се последиците? И воедно, како правилно да се погоди бројот?

При изборот на чевлички препорачувам чевлички кои лесно се виткаат доколку нема проблеми со стапалцето. Чест проблем е погодувањето на големината/бројот на обувките.

Ова често го кажувам, па сепак родителите го забораваат во продавница: на речиси сите модели наменети за помали дечиња им се вади влошката од обувката.

На влошката речиси секогаш има нацртана линија, а таа линија покажува до каде треба да биде најдолгото прсте на детето.

Просторот напред е оставен за слободно движење на стапалцето. Искривени прстиња, чудно одење можат да бидат последици од мали обувки.

Дали помалите деца сами треба да носат ранче за на училиште на грб, колку тежината е оптоварување за нив?

10% од тежината на детето е максимумот што е дозволен детето да го носи на грб како ранец и тоа правилно поставен со двете рачки на рамената.

Секое неправилно носење на едно рамо или поголема тежина може да го искриви грпчето на детето, кое е во интензивен раст во училишните години.

На тоа се надоврзува и послабата физичка активност кај децата, која ги прави поподложни на грбни искривувања и при мали отстапки во носењето или тежината на ранецот.

dijana-marinovska-detski-fizijatar-06_1_copy.jpg

Како родителите да забележат дома рани знаци на искривување на ‘рбетот или неправилно држење? Кога се прави прв преглед на држењето на телото?

Сѐ почесто доаѓаат дечиња што имаат лесно искривување на грпчето уште на 9-годишна возраст.

А следува интензивен раст кога дечињата бргу се извишуваат, па очекувањата се дека почнатото искривување има големи шанси да се зголеми доколку не се прават вежби.

Па затоа ако забележите дека детенцето дома е често во неправилна позиција, долго време неактивно (со часови на телефон), нема никаква физичка активност... време е за консултација.

Колку физичка активност е доволна за децата на различни возрасти и кои активности и спортови се најдобри за развојот на децата и правилното држење на телото?

Колку физичка активност е потребна кај децата зависи од возраста. Малите деца можат да поминуваат и километри играјќи си, без да се остави впечаток дека било толку многу.

Но кај сите треба секојдневна активност.

Кај помалите по 2-3 часа надвор и слободна игра за да се опфати и менталниот, когнитивниот развој.

Трчање во брканица, трчање по нерамен терен, качување на камен, дрво, скокање од камен или шлапање во вир.

Сум била сведок дека сите овие активности се забранети од родителите и бабите (не трчај, ќе се испотиш, не качувај се, ќе паднеш), но тоа се активности кои го развиваат физички детето, како и самодовербата и логичкото размислување.

Кај помалите деца спортовите треба да бидат погенерализирани како гимнастика, поточно да не се користи една рака или нога како тенис или фудбал.

За малку поголемите деца веќе е доволно еден час структурирана физичка активност.

Кој е Вашиот совет до родителите?

Совет до сите родители: Детето треба да се заштити, но не и да се презаштити. „Не прави го тоа“ заменете го со објаснување како да се направи нештото.

Од неодамна почнавте со групни работилници за вежби на бебиња, од каде идејата?

Идејата дојде оттаму што во практиката често се среќавам со родители што имаат потреба од мали насоки и совети како да го поттикнат најдоброто кај бебето.

Но тие бебиња немаат реална потреба од физикална терапија туку само од целенасочена игра со родителот и стимулативна средина.

Така тие потреби ги спакувавме заедно со ефектот од групното вежбање, односно поддршка од мајка за мајка, интересот и убавата енергија кога во помалите групи, на пример, бебињата првпат ќе видат друго бебе.

Наменети се за сите бебиња распределени по возраст во посебни групи, кои не ги достигнуваат целите за нивната возраст.

Доколку родителите сакаат да дознаат какви игри и вежби може да прават со бебето, на тој начин ќе се поврзат дополнително, а и ќе се стимулира развојот, затоа што можат да разменат искуство со други родители и бебиња на иста возраст како нивното, но и да им бидат разјаснети некои дилеми што ги имаат околу развојот.

Следно во план е гимнастика за бебиња, која ќе биде едно полесно вежбање, раздвижување, лесно стимулирање без притисокот дека сѐ треба да завршиме во еден час, а потоа дома да се вежба.

Гимнастиката ќе биде една весела и стимулирачка средина со лесни игри и вежбички неколкупати во месецот каде што со мајките и бебињата заедно ќе се дружиме, учиме и вежбаме.

dijana-marinovska-detski-fizijatar-03_copy.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

М. М. | Црнобело

Фото: приватна архива / depositphotos.com 



Би можело да ве интересира:

Шеф Никола за татковството: „Ми беше малку страв на синот да му кажам дека ќе стане полубрат, но ме ... „Сум станувал во 3 наутро за да ја успијам Дариа, сум ја носел Калиа во раце дод...
„Учев на свеќи, во контакт сум со биолошката мајка“: Марија од Пехчево порасна во СОС Детско село - ... „Би лажела ако кажам дека целото мое детство било тешко, иако подоцна стана. Жив...
Илија од Битола, пораснал во дом за деца без родители, денес е татко на 3 деца: „Бев оставен на 1 не... „Јас завршив во дом за доенчиња и мали деца во Битола кога бев како бебе, и бев ...
Рената (36) од Гостивар за борбата со ракот: „Доејќи го моето бебе опипав грутче на градата, мислев ... „На само 33 години и 10 месеци, кога моето второ бебе беше уште во пелени, ми бе...
Ивана од Берово е мајка на 4 момчиња: „Моја желба беше јас да се грижам за нив, избегнуваме штетни с... „Имаме спори утра, нема брзање за одење некаде. Од мали ги поттикнувам самостојн...
Еден ден со Ангела, мајка на две деца до 3 години: „Денот ми започнува во 5h, немаме баби во Скопје“ „Сама сум често со двете деца, сопругот не дека не сака да биде со нас, туку так...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg