Марија Спасовска студира во Солун: „Функционирам без грчки јазик, омилени ми се руфтоп баровите што ги знаат само локалците“
- Детали
- вторник, 04 ноември 2025
„Животот тука е значително поскап во споредба со Скопје на сите полиња, од кирии до секојдневни трошоци. Ги обожавам скриените кафулиња кои ги знаат само локалците и не се преполни, а навечер сакам да излегувам во Лададика и места со жива музика“, вели пејачката Марија Спасовска која студира и живее со Солун.

Марија Спасовска (20) од Скопје е млада пејачка со долгогодишна музичка кариера и бројни настапи зад себе.
Таа има многу хобија, но најголема страст ѝ се пеењето и компонирањето.
„Ова веќе не ми е само хоби, туку суштински дел од мојот живот и нешто со што сакам да се занимавам уште долго време“, вели Марија за CRNOBELO.com.

Таа од неодамна живее на релација Скопје-Солун, каде што студира финансии на University of York.
За животот во Солун, кои се тајните места што ги знаат само локалците, но и за новата песна што ја промовираше неодамна, на својот 20-ти роденден, Марија ни раскажа во разговорот.

Прочитајте го целото интервју:
На роденденот промовираше нова песна - колку си задоволна од првите реакции и зошто направи пауза од една година пред да ѝ се вратиш на музиката?
Да, на роденденот промовирав нова песна и сум презадоволна од првите реакции. Коментарите се исклучително позитивни и многу ме радува тоа.
А пауза од една година направив поради животни промени и нови предизвици, особено адаптацијата на новиот живот во Солун и фокусот на студиите.
Иако не објавував музика, во тој период многу компонирав и создадов нови дела, па со нетрпение чекам да ги споделам со сите.

Зошто се реши за студии во Солун?
Студирам финансии на University of York, затоа што покрај музиката, ме интересира и светот на бизнисот и економијата.
Сакам моето образование да биде пошироко и да опфати различни области, па потенцијално да ми отвори повеќе можности во иднина.

Дали е тешко? Како изгледаат предавањата? Дали се на англиски или дел се и на грчки?
Со добра организација и јасна цел ништо не е тешко.
Предавањата ги имам секој ден и присуството е задолжително, така што целиот концепт на универзитетот потсеќа на средно училиште.
Сите предавања се на англиски и со интернационални професори, универзитетот е британски така што нема ништо поврзано со грчкиот јазик или пак грчкото високо образование.

А дали го учиш грчкиот јазик?
Грчкиот јазик го учам во слободно време, меѓутоа не интензивно.
Во градот речиси секој знае англиски, така што многу лесно можам да функционирам и без да го знам.
