Марија Спасовска студира во Солун: „Функционирам без грчки јазик, омилени ми се руфтоп баровите што ги знаат само локалците“
Каде живееш во Солун?
Се преселив тука и живеам сама во центарот на градот, многу близу до морето.
Тоа ми овозможува лесен пристап до факултетот и до сите места кои сакам да ги посетувам.

Дали е скап животот во Солун - кирии, излегувања, трошоци за храна, превоз, излегување?
Животот во Солун е значително поскап во споредба со Скопје на речиси сите полиња, од кирии до секојдневни трошоци.

Како се „движиш“ низ Солун - со бус, такси, автомобил? Како е организиран превозот низ градот?
Со оглед на тоа што живеам во центарот и факултетот се наоѓа во центарот, не ми е потребно да користам никаков превоз.
Некогаш го употребувам метрото коешто е новитет во градот.
Сè ми се случува во центарот, но знаеме некогаш со друштвото да одиме некаде со и автомобил.

Имаш ли пријатели меѓу локалното население, или повеќе се тоа „интернационални“ групи, луѓе од колеџот?
Имам прекрасен и разновиден круг на пријатели, од локалното население, колеги од факултет, интернационални студенти и Македонци кои учат или живеат во Солун.
Многу ми е драго што се дружам со луѓе со различни култури и искуства, што го збогатува мојот живот и ми дава нови перспективи.

Кои ти се омилени места за излегување преку ден, а каде сакаш да излегуваш навечер?
Најмногу сакам да бидам покрај море, да шетам или да пијам кафе во некое кафуле.
Ги обожавам и скриените кафулиња кои ги знаат само локалците и кои не се толку преполни, а навечер сакам да излегувам во Лададика и другите делови со жива музика и барови.

Кои се тајните места кои ги знаат локалците, и каде што (скоро) никогаш нема да видиш туристи?
Тесни улички и скриени агли низ градот има секаде.
Исто така има премногу руфтоп барови кои ги посетуваат само локалци.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело