Бомбакис за татковството: „Плачев кога се родија ќерките, менувам пелени, но страв ми е да ја бањам помалата“
- Детали
- петок, 07 ноември 2025
„Кога моите родители ќе ми речеа 'Ќе видиш и ти како е кога ќе имаш дете' не верував во тоа. Ама, сега осетив на своја кожа дека стварно е така и ти ја менува целата перцепција за животот. Постојат само тие во мојот свет и сè што правам, правам за нив“, вели Бомбакис кој има две ќерки.

Кристијан Станковски - Бомбакис (34) е татко на две мали девојчиња, ќерките Бисера и Јована.
Бисера во декември 2025 ќе наполни 2 години, а Јована е родена во септември 2025 и има два месеца.

Со поголемата Бисера веќе се вистински другари и често одат некаде заедно сами, додека за помалата Јована, вели дека е уште малечка, па иако прави сè заедно со сопругата, сепак не се осмелува да ја бања сам.
За тоа како се снаоѓа во татковската улога, момчето со картоните, како што многумина го знаат, раскажува во разговорот за CRNOBELO.com:
Се сеќаваш ли на моментот кога првпат ги виде ќерките и на чувството кога го зеде во раце?
Се сеќавам, да, и се сеќавам дека плачев кога ги видов и двете.
Имав некои измешани емоции што стварно не се опишуваат со зборови…

Дали ѝ помагаш на сопругата во обврските со децата - да се избањаат, преоблечат, сменат пелени? Си станувал ли ноќе за да ги заспиеш, нахраниш?
Нормално, децата се наши и правиме сè заедно за нив.
Јас менувам пелени, правам за јадење, ја бањам Бисера бидејќи Јована ми е уште мала и страв ми е, но сè што можам правам не ми е никаков проблем.

Како го поминуваш времето со нив? Што сакаш да правиш најмногу со Бисера која е веќе голема и разбира?
Со Бисера често знаеме да шетаме, да излеземе од дома, дали кај баба ми на гости, дали кај мајка ми или по продавници, ама обично тоа го правиме - си се шетаме за да ѝ дадеме малку мир на Вики и на Јована, малку дома да одморат тие две.

