Зоки Бејбе за своето Скопје: „Од Музеј на современа уметност се гледа најубавото зајдисонце, Градскиот парк е мојот двор“
- Детали
- четврток, 13 ноември 2025
„Во Градскиот парк возам лонгборд, одмарам, се дружам. Обично секојдневно сум кај Вело кафе, пуканките на Мрки и Scoop сладоледот. Од пред некое лето добив на поклон хамок и сега многу често во топлите денови слушам музика и уживам во крошните од дрвјата“, вели Зоки Бејбе во нашата рубрика „За мојот роден град“.

За многумина Зоки Бејбе е синоним за Скопје - урбан лик кого ќе го видите како се вози со својот лонгборд низ улиците на градот.
Иако е роден во Белград, од бебе живее во Скопје - тука ги поминал и најубавите и не толку убавите моменти во животот.
А со својата музика, Зоки ја дефинира и клубската сцена во градот.
Тој ни денес не се откажува од оваа своја страст - да пушта музика на местата кои ги вика „второто дома“, да стои за некои од најдобрите журки во градот.

За тоа кои му се омилените места во Скопје, Зоки за CRNOBELO.com, открива:
„Да се сака денешно Скопје не е лесно, градот се гуши во проблеми, но ме израдува поканата да напишам кои се местата во кои јас најмногу уживам, бидејќи сакам да зборувам за она што ме прави среќен мене и се надевам многу други сограѓани.
Мојата комуникација со градот е континуирана, надвор од каков било тип на дневен протокол и канцеларија, така што имам многу време за љубопитно посматрање на градот. Го возам мојот лонгборд без цел, но сепак имам места кои што ми се омилени.


Прво на памет ми е ГТЦ. Таму е мојот омилен сладолед во Џино.
Колку и да не е атрактивен, не се откажувам од купување во ГТЦ, бидејќи е најубав, и е сосем блесаво да го напуштаме.
Киното Милениум мора да се врати во функција бидејќи тоа е најдостоинствено место за специјални проекции и премиери. Не може во центарот на градот да не ни работи најубавата кино сала.
ГТЦ треба да е највибрантен простор во градот со ноќни клубови и барови и поради големата посетеност од туристи. Потенцијалите сè уште му се огромни.

