Зоки Бејбе за своето Скопје: „Од Музеј на современа уметност се гледа најубавото зајдисонце, Градскиот парк е мојот двор“
Градскиот парк е мојот двор. Таму возам лонгборд, одмарам, се дружам. Обично секојдневно сум кај Вело кафе, пуканките на Мрки и Scoop сладоледот.
Градскиот парк треба да се негува бидејќи е спас од урбаниот метеж и единствено место за конекција со природата и медитација.
Од пред некое лето добив на поклон хамок и сега многу често во топлите денови слушам музика и уживам во крошните од дрвјата.
Градски парк е единственото место каде нема поделба на богати и сиромашни, битни или небитни.
Таму нема капитализам суров и површен, едноставно сите се исти, опуштени, со желба да одморат од сè.


Музејот на современа уметност за мене e светиот храм.
Oвој простор во детството ми покажа кој сакам да бидам, и колку уметноста ќе ми биде најзначајна работа во животот.
Од првата поставка на видео арт дела наречена „Видео 1984“, до изложбата на фотографии на Роберт Мепелтроф „1989“ па до ден денес, јас не можам да замислам да не го посетам во моменти кога сум среќен и имам силна потреба да уживам во овој најубав објект во нашата држава.
Тоа што МСУ е поставен највисоко во градот, само зборува за тоа на кое место треба да ни биде уметноста во животот.
Таму се гледа и најубаво зајдисонцето во Скопје. На пролет и крајот на летото тие глетки се спектакуларни.


Ленинова од левата страна, до раскрсницата кај Домот на пратеници, е скопскиот фуд корнер.
Секојдневно започнувам со кафе во Кафе Станица кај другар ми Александар, па појадок во Тото - мојата најомилена сендвичарница.
Овој дел е улица на малите бизниси со храна, така што уживам во Диман, Ла делишес, Љубовна куќичка, Моно и Јес паста, МС бургер и легендарната Седмица.
Во овој дел, или тоа маало, се и мојот омилен суши ресторан Ото и мојата омилена кафе градина и место каде одам секојден повеќепати и редовно вртам музика, Излет“.


©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело