Љубовната приказна на Стефани и Денис од „Дуо Дис“: „Дојде кај мене на работа и ме запроси додека имав час со ученик“
Се сеќаваш ли на првите средби со семејствата (твоето или неговото)? Раскажи ми некој момент од тие средби...
Се сеќавам и не беа воопшто страшни. Напротив, многу брзо и лесно одеше. Меѓусебно одлично функционираме, се почитуваме.
Сега најчесто се собираме во мојот семеен дом кај моите родители поради обврските со децата, но одиме и во Охрид за поголемите празници или кога имаме слободен викенд од настапите.

Како те запроси? Ти подготви ли некакво изненадување?
Спонтаноста опфаќа еден голем дел од неговиот карактер, па така една среда во октомври по само една година врска, дојде кај мене на работа и ме запроси додека имав час со ученик.
Веднаш се собраа колегите мои и нѝ честитаа, а вечерта имавме свирка и така некако успеавме да го прославиме денот.
Тогаш ми рече дека така му дошло, почувствувал дека тоа треба да го направи и затоа беше неочекувано, едноставно и без многу марифети.

Раскажи ми некој интересен момент од свадбата... Пееше ли и ти? На што се сеќаваш со најголема радост од тој ден?
На нашата свадба татко ми имаше подготвено точка со бендот како изненадување за нас младенците и пред да отпее, рече: „Од оваа вечер, свадбите повеќе нема да бидат исти!“ Навистина беше посебна!
Свадбата беше на плажата Потпеш во Охрид, а венчавката во црквата Св. Јован Канео.
Охрид е сам по себе романтичен, па наше беше само да уживаме заедно со најблиските.
Секако дека пеевме сите што знаеме да пееме и да свириме. Во еден момент скоро сите беа качени на бината.

Кој е поромантичен - ти или тој? Која е најубавата романтична работа што ја направил за тебе, или ти за него?
Како што веќе реков, тој спонтано ги прави изненадувањата, а јас малку повеќе ги планирам, ама неретко знаеме да се изненадиме и двајцата.
Јас се радувам на ситници, па и некоја мала работа ја сметам за најромантична, како цвеќе со посвета, на пример.
Еднаш за роденден му направив торта од лименки пиво завиткани со машна, тој ми купи карти за Ерос Рамацоти, па ми ги прати како официјален мејл, ха, ха. Имало доста ситуации, не можам да се сетам на сите.

Колку години сте во брак? Што, според тебе, е важно за успешен брак?
Во брак сме 7 години, а 10 години откако се запознавме. Нема конкретна формула за успешен брак. И нема совршенство.
Изреката: Per aspera ad astra за мене е лајтмотив во секој сегмент од животот, како во професионалниот, така и во приватниот.
На секој однос се работи постојано, бидејќи и ние како луѓе постојано се менуваме со текот на годините.
Најважно е да не се изгубите себе како индивидуа во целиот тој процес и секојдневно да си бидете ветер во грб еден на друг.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело