Зорица Николовска создаде сликовница за деца: „Синот (7) ми е инспирација, се расплакав кога почна да ја чита сам“

„Мартин знае дека приказната постои благодарение на неговото растење, на неговите прашања пред спиење, на сите оние мали моменти кога ми бараше да останам уште една минута покрај него. И пресреќен е!“, вели радио-водителката Зорица Николовска, чија прва сликовница беше промовирана вчера.

zorica-nikolovska-sozdade-slikovnica-za-deca-sinot-7-mi-e-inspiracija-se-stopiv-koga-pochna-da-ja-chita-sam-01.jpg

Радио-водителката Зорица Николовска секое утро ја „буди“ публиката преку фреквенцијата на Македонско радио 2, со емисијата „Тик Так и Зорка“. Секогаш позитивна, насмеана и ведра, на многумина им го разубавува утрото.

Активна е и на Инстаграм, каде со своите пријатели често споделува реални видеа од животот на една мајка со две две мали дечиња, Мартин и Јана, а го има и посинокот Иван, па постојано добива бројни пофалби за автентичноста и искреноста со која ги прикажува ситуациите.

Но, Зорица од вчера (30.11) може да се нарече и писателка, бидејќи ја промовираше својата прва сликовница за деца, „Луна и темнината“.

А инспирацијата за приказната ја најде во својот син, Мартин, во времето кога бил многу помало дете.

zorica-nikolovska-sozdade-slikovnica-za-deca-sinot-7-mi-e-inspiracija-se-stopiv-koga-pochna-da-ja-chita-sam-03.jpeg

За првата сликовница со нејзин потпис, но и како Мартин реагира како „главен јунак“ за ова постигнување, таа ни раскажа во интервјуто:

Конечно излезе твојата прва детска сликовница... Како се чувствуваше во моментот кога ја зеде в рака пред неколку дена?

Да бидам искрена? Во првиот момент не верував дека навистина ја држам во раце.

Не затоа што беше желба која одамна чекав да ми се исполни, туку затоа што оваа приказна е родена од растењето на мојот син и неговата љубопитност, одеднаш стана нешто вистинско и за сите дечиња.

Ја создадов за да му помогнам на моето дете да го победи стравот од темнината и непознатото, во оној чувствителен период кога од ‚помало дете‘ станува ‚постаро братче‘.

Секој лик, секој детаљ, секоја страница ја носи таа тивка љубов и желба да му направам патот полесен, посветол, побезбеден.

И кога конечно излезе од печат и ја зедов сликовницата во раце, како да го држев мојот обид да му покажам дека храброста расте со нас.

Ја вртев, ја разгледував и си се смешкав. Ми се врати тој момент кога седевме заедно, кога му ја раскажував приказната првпат и кога го видов како му се смирува погледот.

zorica-nikolovska-sozdade-slikovnica-za-deca-sinot-7-mi-e-inspiracija-se-stopiv-koga-pochna-da-ja-chita-sam-04.jpeg

Веќе кажа дека инспирацијата ти е синот Мартин. Во кој момент од неговото детство сфати дека сакаш да напишеш приказна и која ќе биде темата?

Инспирацијата навистина е Мартин, кој сега има 7 години.

Целиот негов раст, фазите низ кои минуваше и малите стравови кои ми покажаа дека на децата понекогаш не им требаат обемни и комплицирани објаснувања - им треба приказна и мајка што ќе ги прегрне пред спиење.

Моментот кога ја раскажав приказната беше токму во една од тие тивки вечери пред спиење, кога забележав дека почнува да ја чувствува темнината поинаку.

Стануваше постаро братче, се менуваше динамиката дома, а со тоа и неговата чувствителност кон непознатото.

Тоа е период кога децата растат, но паралелно со растот растат и нови прашања, стравови, потреби.

И сфатив дека функционира. По секое слушање на приказната, темнината не е веќе толку страшна.

Си помислив, ова е тоа, баш би сакала да ја подарам на сите деца кои поминуваат низ истите промени, фази и стравови.

zorica-nikolovska-sozdade-slikovnica-za-deca-sinot-7-mi-e-inspiracija-se-stopiv-koga-pochna-da-ja-chita-sam-03.jpg

Дали е приказната нешто што си измислуваше самата и што му раскажуваше, наместо да му ги раскажуваш класичните приказни, или комбинација од твои приказни и реални ситуации низ кои минавте?

Да, приказната е целосно родена како производ на мојата фантазија - и всушност тоа е нешто што ми е многу блиско уште од детството.

Уште од мала, секогаш ја носев во себе таа љубов кон креативното објаснување на светот.

Тоа го добив од една многу посебна личност, мојата тетка Маре.

Со брат ми буквално едвај чекавме да дојде викенд за да одиме кај баба, дедо и тетка ми.

Таа ни раскажуваше најубави, најнеобични, најживописни приказни.

Така едноставните нешта ги претвораше во преубави приказни. Преку нив ни покажуваше како функционира светот, а ние слушавме со подотворена уста.

И денес, толку години подоцна, таа уште им раскажува приказни на моите деца - некогаш во епизоди, со сто различни гласови, со цела енергија и театар во неа.

За жал, голем дел од нејзините приказни не запамтивме, но ми остана навиката да ја пуштам фантазијата да работи и се обидам да го претставам секојдневието низ детската перспектива.

Така се роди и приказната за Луна и Темнината, како еден мал обид, инспириран од неа, да ја приближам храброста на моето дете, на начин кој ќе му биде близок, нежен и разбирлив.

Наместо класични приказни, сакав да создадам нешто наше, нешто што ќе го разбере.

zorica-nikolovska-sozdade-slikovnica-za-deca-sinot-7-mi-e-inspiracija-se-stopiv-koga-pochna-da-ja-chita-sam-02.jpg

Мартин веќе оди на училиште, разбира... знае ли дека токму од него се изроди „Луна и темнината?“

Да, знае дека приказната постои благодарение на неговото растење, на неговите прашања пред спиење, на сите оние мали моменти кога ми бараше да останам уште една минута покрај него. И пресреќен е!

Дали си му дала сам да ја прочита? Дали, пак ти, или заедно со него, ѝ ја читате приказната на ќеркичката Јана, која уште нема 2 години?

Секако дека тој прв ја прочита, сам, сега откако одлично му оди читањето.

Тоа беше еден од најубавите моменти - да го гледам како ја држи книгата за која всушност тој самиот беше инспирација, како внимателно ги следи страниците и ја препознава приказната, а сега веќе комплетирана и со илустрации.

Сакав сам да ја доживее, без мое водство, за да видам како ќе реагира.

И беше прекрасно!

А Јана… таа уште е малечка, но да, ѝ ја читаме заедно.

zorica-nikolovska-sozdade-slikovnica-za-deca-sinot-7-mi-e-inspiracija-se-stopiv-koga-pochna-da-ja-chita-sam-02.jpeg

Сега кога ги виде првите реакции за сликовницата, дали можеби веќе имаш идеја за некоја следна приказна?

Првите реакции ми го стоплија срцето! Кога ќе видиш дека приказна создадена за твоето дете им значи и на други деца и родители, чувството е бесценето!

Гледајќи ги Иван, Мартин и Јана, секој ден добивам по некоја мала искра.

И верувам дека следната приказна повторно ќе биде инспирирана од нешто нивно - мал момент, детско прашање или еден од оние погледи кои прашуваат повеќе од 1.000 зборови.

Стравот беше првата тема… а следната можеби ќе биде љубопитноста, љубомората, прилагодувањето или пријателството - нешто што сите деца го поминуваат, а често не знаат како да си го објаснат или да го надминат.

Можеби Луна ќе има и ново патување, само што приказната уште расте во мене и чека вистински момент да се роди.

zorica-nikolovska-sozdade-slikovnica-za-deca-sinot-7-mi-e-inspiracija-se-stopiv-koga-pochna-da-ja-chita-sam-04.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Љубовната приказна на Бојан Велевски и Каролина: „Се запознавме во диско - таа го викала келнерот, ј... „Таа вечер не требаше да одам во диско. Не требало ни Каролина да оди, непл...
Ивана Кнез за CRNOBELO: „Мајка ми, иако живее на село, ги соблекува гумените чизми, облекува потпети... „Јуле е посебна жена, во мои очи легенда. Од погон и берење праски има стигнато ...
Шеф Никола за татковството: „Ми беше малку страв на синот да му кажам дека ќе стане полубрат, но ме ... „Сум станувал во 3 наутро за да ја успијам Дариа, сум ја носел Калиа во раце дод...
Љубовната приказна на Таско и Наташа: „Се запознавме на Фејсбук, ѝ пишав дека ми се допаѓаат тетоваж... „Наташа ме тераше да не пеам, као 'Твоја свадба е, ти не треба да пееш'. И ...
Љубовната приказна на Тања Кочовска и Предраг Павловски: „Ме запроси во 5 наутро, на секоја жена ѝ п... „Предраг имаше девојка, со неа се забавуваше 4-5 години, а јас бев тогаш во екот...
Александар и Надица се игроорци од Валандово: „Ја негуваме традицијата, по аманет од баба и мајка, и... „На играорна ме запиша мојата покојна баба, и тоа ми е најубавиот спомен од неа,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg