Пепика од Гевгелија рачно прави лампиони и свеќи: „Работилницата на крајот од денот изгледа како мала празнична експлозија“
- Детали
- понеделник, 08 декември 2025
„Првиот лампион го направив во домашни услови, со неколку едноставни, но многу драги детали и сè уште го чувам. Ме потсетува на почетоците и на тоа колку многу може да се постигне кога ќе се решиш да стартуваш од нула“, вели за CRNOBELO.com младата Пепика, која стои зад брендот Sparkle.

Јас сум Пепика Јаневска (24) од Гевгелија, по професија е дипломиран економист, но многумина ја препознаваат како млада креативна девојка која стои зад Sparkle.mk - мал бизнис кој се занимава со персонализирани новогодишни лампиони, празнични декорации и свеќи.
Таа за CRNOBELO.com вели дека срцето отсекогаш ја влечело кон креативноста и рачната изработка, па токму тоа и ја поттикнало да создаде нешто свое и препознатливо.


Прочитајте го интервјуто со Пепика:
„Идејата за Sparkle се роди сосема спонтано пред една година, од мојата љубов кон празниците и желбата да создадам нешто светкаво и топло што ќе го донесе тој божиќен дух во домовите.
Името Sparkle го избрав затоа што сакав да симболизира светлина, блескава атмосфера и празнична магија, нешто што веднаш асоцира на декември.


Првиот лампион што го направив беше создаден во домашни услови, со неколку едноставни, но многу драги детали и сè уште го чувам.
Ме потсетува на почетоците и на тоа колку многу може да се постигне кога ќе се решиш да стартуваш од нула.


Искрено, на почетокот беше тешко. Особено кога почнуваш од нула, кога никој не знае за тебе и кога сè уште учиш како се движи пазарот.
Но, во тоа време најголема поддршка ми беа моите блиски, тие први почнаа да нарачуваат, да споделуваат, да ме охрабруваат. Потоа, чекор по чекор, Sparkle.mk почна да се шири.


Морам да признаам дека социјалните мрежи играа огромна и можеби најважна улога во развојот на мојот бренд.
Преку видеата, процесите на изработка и искрената комуникација, луѓето почнаа да ме запознаваат и да го препознаваат трудот што стои зад секој производ.


Верувам дека секој бренд е уникатен на свој начин, секој создава различно, со свој стил и своја енергија.
Кај мене луѓето најмногу го препознаваат вниманието кон деталите и топлината што сакам да ја пренесам со секој производ.
Тука ништо не е „набрзина“, секој лампион, секоја свеќа, секоја декорација ја правам со огромно внимание, трпение и креативност.


