Пепика од Гевгелија рачно прави лампиони и свеќи: „Работилницата на крајот од денот изгледа како мала празнична експлозија“
Она што ме издвојува е тоа што се обидувам секој производ да изгледа како мало уметничко дело, а не само како украс.
Сакам да биде естетски, чисто и квалитетно изработено, но и да носи емоција.
Луѓето го чувствуваат тоа, и мислам дека токму тоа е мојот препознатлив печат.


Најчесто бараат персонализирани новогодишни лампиони, но правиме и други празнични украси и декорации.
Обично купувачите сами си ги избираат боите, буквите, додатоците или стилот.
Сепак, има и такви што ми велат: „Оставам на тебе, направи го да биде најубаво.“


Мој совет секогаш е лампионот да се вклопи во боите на нивната елка и во стилот на домот - така секогаш изгледа најхармонично и најдекоративно.
А ако некој не може да се одлучи, со задоволство го водам низ идеи и комбинации што ќе му одговараат.


Самата изработка на еден лампион или една свеќа не е тежок, но процесот бара многу време - од топење на восокот, боење, лиeње, сушење, па сè до финално декорирање и пакување, понекогаш трае од еден час па сè до неколку часа, особено кога станува збор за свеќите кои бараат повеќе прецизност и трпение.
Дополнително, покрај Sparkle.mk работам и со полно работно време, па тоа го прави целиот процес не потежок, туку покомплициран во поглед на организирање на времето. Често работам навечер, за викенди или кога ќе најдам „слободен момент“, но кога нешто сакаш секогаш ќе му најдеш место во денот.


А за нередот што останува зад мене… доволно е да кажам дека работилницата на крај од денот изгледа како мала празнична експлозија, ха, ха.
Но токму тоа ме прави среќна, знам дека зад секоја искра, секој украс и секоја свеќа има многу вложено време, внимание и љубов.
За оваа работа треба трпение, имагинација, чувство за естетика и посветеност.
Талентот помага, но љубовта кон процесот е тоа што навистина прави разлика.


Дел од материјалите ги набавувам од Македонија, но за голем дел морам да порачувам од странство затоа што не секогаш се достапни квалитетните восоци, модли или декоративни елементи што ми требаат.
А кога луѓето ќе ја видат нарачката - е, тоа ми е најубавиот момент во целата приказна. Реакциите се полни со радост, возбуда, благодарност.
Многумина ми пишуваат дека подарокот ги разнежил, дека детето било пресреќно, дека личниот детаљ направил голема разлика.
Тие искрени моменти и пораки ми значат најмногу. Ме мотивираат секој ден да започнам со нова идеја, нова декорација и уште повеќе љубов кон работата“.


©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
