Калиопи за стилот и убавината: „Дома имам мала теретана, омилено ми е Armani оделото што го носев на Евровизија“
- Детали
- петок, 12 декември 2025
„Облека пазарам секогаш различно и по чувство, најчесто надвор. Италија и Турција се моите омилени дестинации. Обожавам црно, а Никогаш не би облекла тегет боја“ - вели Калиопи за CRNOBELO.com.

Калиопи е синоним за дама со префинет вкус, негувана жена која без оглед дали е нашминкана или без шминка, секогаш изгледа прекрасно и плени со својата енергија, позитива и насмевка.
И иако насмевката ѝ е еден од најпрепознатливите знаци (заедно со гласот), Калиопи е препознатлива и по стилот со црна боја, која иако ја носи секојдневно, ја носи различно и впечатливо.


За својот стил, негата на лицето и телото, исхраната и своите фитнес навики, таа ни раскажа низ разговорот за CRNOBELO.com:
Стил на облекување
Би го опишала како мој стил! Стил кој не прати трендови, туку го следи внатрешното чувство и надворешен израз на истото.
Подеднакво ги сакам и елегантните и спортските парчиња, дури некогаш обожавам да ги комбинирам. Но екстраваганцијата е она што најчесто ме тера на храбри одлуки како момент на уметнички израз.
Облека пазарам секогаш различно и по чувство. Најчесто надвор. Италија и Турција се моите омилени дестинации.
Обувките се најважни. Пред сѐ комфорот, а потоа и изгледот, се разбира.
Никаде не одам без моите папучи.
Никогаш не би облекла тегет боја.
А омилено парче - црното Армани одело и сандали што ги носев на Евровизија 2012-та во Баку, кога ја пеев „Црно и бело“.


