Д-р Александар Сајковски, педијатар: „Антибиотици не се даваат превентивно, а за температура до 38.5°C не се користат антипиретици“
- Детали
- четврток, 11 декември 2025
„Ние не лекуваме резултати, ние лекуваме деца. Добрите и искусни педијатри само врз основа на анамнезата и клиничкиот преглед може да проценат каков ќе биде третманот, а дополнителната лабораторија е само по потреба. Родителите претеруваат со раната употреба на лекови за симнување на телесната температура. Она за што се бориме е температурата да не се покачи на многу високо ниво од 39-41°C, така што тогаш се користат лекови од групата на антипиретици, кои во големи дози се токсични“ - вели за CRNOBELO.com д-р Александар Сајковски.

Во есенскиот и зимскиот период, кога настинките и вирусите кај децата се многу чести, дилемите и грижите на родителите честопати се зголемуваат.
Токму на таа тема разговаравме со д-р мед. науки Александар Сајковски, специјалист по педијатрија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“.
Дали има нешто со што може да се зајакне имунитетот кај децата, колку пати е нормално да се разболуваат, дали треба да седат затворени дома, но и со кои лекови родителите претеруваат на своја рака и колку е променет пристапот од порано...
Во продолжение целиот разговор со д-р Александар Сајковски за CRNOBELO.com:
Во овој период од годината, имате ли некој совет за зајакнување на имунитетот на децата или нешто што може да се зема превентивно, природно или преку суплементи?
Есента и зимата се периоди од годината кога е нормално да се очекуваат почести инфекции особено поради ширење на одредени вируси.
Најчести притоа се вирусите на инфлуенца и параинфлуенца, но и неколкуте типа корона-вируси.
На тој начин, настинките, грипот и други типови горнореспираторни вирусни инфекции се почести во овој период од годината.
Со оглед на фактот дека имунолошкиот систем во првите 6 години постепено зрее и се развива, основен приод во заштитата на децата е да имаат правилна исхрана богата со природни витамини, минерали, олигоелементи и главни нутритиенти.
За одбележување е дека природно внесените наведени нутритиенти со исхрана имаат поголема искористливост во телото отколку синтетичките витамини.
Користењето на кој било имуномодулатор треба секогаш да е во консултација со педијатар.

Дали има разлика во имунитетот на децата кои до подоцна се чувани дома и оние што од помала возраст тргнале во градинка и се соочиле со повеќе бактерии и вируси? Или сепак е индивидуално?
Градинката е претшколска установа, која на децата им дава први значајни животни насоки и навики.
Престојувањето во претшколските установи помага во развојот на децата како во психолошкиот така и во биолошкиот развој.
Но, имајќи предвид дека најчесто во нашите градинки има голем број деца, сосема е очекувано дека одредени инфективни состојби, односно инфекции лесно се пренесуваат од дете на дете.
Тоа, сепак, не треба да е причина да се откаже почетокот на претшколската едукација.
Генерална разлика меѓу децата во однос на инфекциите нема, но во однос на она што е од друг аспект, значајно е дека адаптацијата е многу подобра кај оние деца што порано тргнале во претшколска установа.
Дали кога децата се болни, се препорачува да се шетаат на свеж и поладен воздух, или треба исклучиво да седат дома додека да се залечат?
Без оглед на инфекцијата, особено ако се работи за настинка, апсолутно не е препорачливо децата да бидат комплетно затворени во домашни услови.
Тие слободно можат да се изнесат надвор, да се прошетаат, особено во зони на чист воздух.
Секако не е препорачливо да се носат на прошетки во затворени трговски центри, игротеки или други затворени простории.
Овој приод е добар и се нарекува форма на климатско лекување.

До кој степен е добро за имунитетот на децата, тие да се изложуваат на надворешна средина, валкање и не чување во стаклено ѕвоно?
Како што е веќе напоменато, имунолошкиот систем во првите години зрее.
Самиот овој факт укажува дека ако децата се изложени на поголема антигенска стимулација, тогаш и т.н. Тх1-дел од имунитетот зрее и децата подобро се справуваат со инфекциите.
Ние перманентно ги советуваме родителите дека треба децата да ги пуштат да играат во песок и кал, да се извалкаат.
Чувањето на децата во хиперчиста средина без антигена стимулација на Тх1-делот на имунитетот води до развој на алергиски болести.
Колку пати е нормално и очекувано децата да се разболуваат, а во кои случаи веќе се смета дека детето е поболежливо?
Децата до шестгодишна возраст во тек на една година може да добијат 8-10 инфекции.
Тоа се најчесто горнореспираторни инфекции, а како причинители доминантно се детектираат вируси, односно 85% од нив се вирусни инфекции.
Самиот овој факт дека доминираат вирусните инфекции ја исклучува потребата од примена на антибиотици.
Особено ако се земе предвид дека тие воопшто не дејствуваат врз вирусите како причинители.
Но, како што е вообичаено, кога се под инфекција децата качуваат температура, а може да имаат и други симптоми, особено течење на нос и умерена кашлица, при што сѐ поизразен е стравот кај родителите и притисокот што го прават за користење на антибиотици.
Некои статистички анализи покажале дека 90% од лекарите од примарна здравствена заштита препишуваат антибиотици под притисок на родителите, а дури 60% од лекарите не се сигурни дали требало да ги препорачаат.
