Д-р Александар Сајковски, педијатар: „Антибиотици не се даваат превентивно, а за температура до 38.5°C не се користат антипиретици“
Има ли моментално некоја епидемија на бактерии/вируси, нешто за што родителите треба посебно да бидат внимателни во овој период?
Есента секоја година, па така и сега е следена со пораст на вирусни инфекции од типот на инфлуенца или соеви на корона-вирусна инфекција, но и други вируси од типот на аденовируси, риновируси и други.
Најчесто се манифестираат како горнореспираторни инфекции, поретко со развој на инфекции од типот на бронхитиси или пневмонии.
И овде би напоменал дека доминантно за овие инфекции не е потребно давање на антибиотици.

Дали за секоја настинка треба детето веднаш да се однесе на лекар или некогаш може да се направи и телефонска консултација?
Најчестите симптоми за посета на педијатриските амбуланти се покачувањето на телесната температура и кашлицата.
Тоа се водечки симптоми поради кои родителите ги носат своите деца на педијатриска консултација.
Но, треба да се има предвид дека покачувањето на телесната температура е очекувана реакција на телото од делот на неспецифичниот имунитет за одбрана од микроорганизмите.
Имајќи ги предвид овие елементи, секако за одредени состојби може да се направи и телефонска консултација, но би ги советувал сепак родителите да не започнуваат терапија по свое мислење.
Таа треба да е со педијатриска консултација.
Има ли нешто со што родителите кај нас претеруваат кога ги лекуваат или се обидуваат да превенираат нешто кај децата, на своја рака?
Се чини дека во последно време се претерува со внесување на одредени суплементи за кои може доста да се дискутира.
Одредени се секако добри, но не треба да се претерува со нив, особено што внесот на макронутритиентите и микронутритиентите сепак е најдобро да бидат од природно потекло, односно преку храна.
Една од точките во кои реално се претерува е раната употреба на лекови за симнување на телесната температура.

Колку често е потребно и дозволено лекување со антибиотици? Како влијае врз здравјето ако се претера со употреба, дури и превентивно, како што некогаш знаат родителите?
Одговорите на овие прашања се навистина лесни но и битни.
Како што дадов одговор во едно од вашите претходни прашања, употребата на антибиотиците треба да е резервирана само за докажани бактериски инфекции.
Врз другите типови инфекции овие лекови немаат никаков ефект. Превентивна употреба на антибиотици не постои.
Ова би бил најкус одговор за кој би сакал да напоменам дека масовната злоупотреба на антибиотиците предизвикува развој на резистентни бактериски соеви кои понатаму се многу тешки за лекување.
Впрочем, терминот антибиотик доаѓа од старогрчките зборови „анти“ и „биос“ што во превод значи против живот.
Кога температурата е опасна? Што кога долго време не може да се спушти? До колку е дозволено да се чека пред да се однесе на лекар?
Покачувањето на телесната температура е дел од неспецифичниот имунитет и помага во активирање на специфичниот, но и во уништување на патогените микроорганизми.
Интересен е фактот дека во моментот кога телесната температура ќе дојде на ниво на 38.5°C, се активираат неколку милијарди леукоцити кои се упатуваат на местото на инфекцијата.
Ако не му дозволиме на организмот на детето температурата да дојде на ова ниво, тогаш ќе недостасува тој имунолошки одговор.
Она за што се бориме е температурата да не се покачи на многу високо ниво од 39-41°C, така што тогаш се користат лекови од групата на антипиретици.
Но, и со нив треба внимателно дозирање поради нивната потенцијална токсичност во високи дози.

Дали при секое разболување, за да се одреди точна терапија, треба да се прават крвна слика и брисеви? Од што зависи дали ќе се направат или не?
Би одговорил многу едноставно: „Ние не лекуваме резултати, ние лекуваме деца“.
Добрите и искусни педијатри само врз основа на анамнезата и клиничкиот преглед може да проценат каков ќе биде третманот, а дополнителната лабораторија е само по потреба, за следење или диференцирање на одредени состојби.
Со оглед на на вашето долгогодишно работно искуство, можете ли да направите некои разлики помеѓу минатото и сега и ако има, на што се должат?
Ова е веројатно една од најболните точки за кои може многу да се зборува. Дали има разлики? Секако и тоа многу.
Пред сѐ, денес децата се изложени на екстремно аерозагадување, на користење екстремни токсини како што се пестицидите, органофосфатите и други токсини во земјоделството кои заедно имаат силно изразена имунотоксичност, но и латентност.
Тоа значи дека можат да предизвикаат одредени нарушувања во имунолошкиот систем, а поради латентноста по извесно време со некој тригер-фактор да се манифестираат тие промени.
Затоа денес сме сведоци на сѐ поголем број деца кои развиваат автоимуни болести, малигни болести, алергиски болести и други состојби кои се поврзани со имунолошки растројства.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com