Христина од Кичево се пресели во Швајцарија со 2 деца, од кои едно со застој во развој: „Заминавме откако го заборавија сам во градинка“

„На 2 години сфативме дека Леонид не го разбира мајчиниот јазик и дека мора да го учи како странски. Кога мислевме дека го достигна врвот во развојот со многу работа, се вративме многу чекори назад бидејќи се преселивме во Швајцарија, заради тоа што во градинката каде што одеше го заборавија сам во занимална. Тука мораше да учи нов јазик, но сега веќе оди во училиште и одлично напредува, развојот му е изедначен со другите“ - вели за CRNOBELO.com Христина Анѓелковски. 

hristina-od-kichevo-se-preseli-vo-shvajcarija-so-2-deca-od-koi-edno-so-zastoj-vo-razvoj-zaminavme-otkako-go-zaboravija-sam-vo-gradinka-01.jpg

Христина Анѓелкоски (41) од Гостивар се омажила во Кичево, каде живеела со сопругот и двете деца, до септември 2022, кога се преселиле во Швајцарија – Нојхаузен.

Таа има два сина, Леонид 8, Андреј 12, а помалиот син, се соочил со застој во развојот, кој го забележале на 18 месеци, кога ги започнале проценките и испитувањата. 

Оттогаш, заедно со тим од експерти во Македонија, Христина многу работела на развојот на синот, додека еден немил настан, кога бил заборавен во градинка, ја прелило нивната чаша и одлучиле да се преселат за подобра иднина на децата. 

hristina-od-kichevo-se-preseli-vo-shvajcarija-so-2-deca-od-koi-edno-so-zastoj-vo-razvoj-zaminavme-otkako-go-zaboravija-sam-vo-gradinka-48.jpg

Иако преселбата привремено предизвикала враќање неколку чекори во поглед на развојот на Леонид, сега тој веќе има постигнато одлични резултати благодарение на системот, стручните лица, но и вербата и работата со родителите, па сега тој посетува регуларно училиште и веќе е изедначен во развојот. 

Како најголема гордост, Христина го истакнува моментот кога детскиот психолог и неговата учителка од градинка дале коментар: Оваа мајка преку работата со своето дете има достигнато знаење кое е на ниво на едукатор и рехабилитатор. 

За состојбата на Леонид, предизвиците, но и преселбата во Швајцарија, животот таму, бенефитите, начинот на одгледување деца, прочитајте повеќе во интервју за CRNOBELO.com:

Кога се преселивте во Швајцарија и што ве натера да заминете таму? 

Во Швајцарија во градот Нојхаузен се преселивме во септември 2022 година заедно со моите деца и мојот сопруг.

Сè она што нè натера да се преселиме од нашата држава е системот, немањето права за нас и нашите деца, институциите кои не функционирааат.

Па така го напуштивме нашиот дом, каде сме граделе спомени со нашите деца.

Сè она што го баравме во нашата држава го добивме тука каде што сме сега, но сепак, она најглавното што ни недостасува е коренот од каде што потекнуваме, и секогаш ќе копнееме по нашиот дом.

Заминавме за подобра иднина на нашите деца, почист воздух, побезбедна средина, подобар систем, обезбедени финансии кои се потребни за Леонид.

hristina-od-kichevo-se-preseli-vo-shvajcarija-so-2-deca-od-koi-edno-so-zastoj-vo-razvoj-zaminavme-otkako-go-zaboravija-sam-vo-gradinka-22.jpg

Леонид беше клучот за донесувањето на одлуката, нему му требаше целосна финансиска поддршка од тим на стручњаци.

Тоа тука го обезбедува државата, додека во Македонија сè моравме да плаќаме сами, а на Леонид му беше потребна интензивна стручна поддршка на неделно ниво.

Морам да напоменам дека нашите стручњаци во Македонија се далеку пообучени и поедуцирани во оваа област, а тука за жал постои дефицит од логопеди и дефектолози и целосно на поразличен начин работат.

Исто така прелевањето на чашата за донесувањето на конечната одлука за иселување беше моментот кога Леонид го заборавија сам во друга занимална во градинката.

Тоа беше моментот во кој не можевме да управуваме со системот, а како родител се бориш и даваш сè од себе за да се обезбеди секое право кое му е потребно на детето, но за жал во тие моменти се соочивме со неправда, трул систем, но и општество кое функционира на база ќути си, ти го чуваат детето, па да не ти го фатат на око.

А јас сум личност која секогаш се бори за правда, и секогаш одам до крај како и во случајов, но за жал, правдата не победи затоа што корупцијата е на прво место таму каде што израснавме, таму каде што ни е татковината.

И за многу кратко време од таа случка ние се иселивме.

hristina-od-kichevo-se-preseli-vo-shvajcarija-so-2-deca-od-koi-edno-so-zastoj-vo-razvoj-zaminavme-otkako-go-zaboravija-sam-vo-gradinka-07.jpg

Беше ли тешко да се снајдете за документи, живеалиште, работа… колку време траеше процесот?

Во нашиов случај процесот беше полесен затоа што мојата фамилија е тука и со европски пасош успеавме да ни се обезбеди виза за престој.

Првата година живеевме сите со мајка ми, а после тоа се преселивме во друг стан со мојот сопруг и децата.

hristina-od-kichevo-se-preseli-vo-shvajcarija-so-2-deca-od-koi-edno-so-zastoj-vo-razvoj-zaminavme-otkako-go-zaboravija-sam-vo-gradinka-29_copy.jpg

Беше потешко да се најде соодветна работа поради недоволно знаење на јазикот, па првата година паралелно и работев и го учев јазикот.

Дефинитивно првите години се најтешки за интегрирање, но со упорност се постигнува исполнување на вашата цел.

hristina-od-kichevo-se-preseli-vo-shvajcarija-so-2-deca-od-koi-edno-so-zastoj-vo-razvoj-zaminavme-otkako-go-zaboravija-sam-vo-gradinka-50.jpg

Колку е голем предизвикот да се преселите во друга држава со 2 мали деца? Што ви беше најтешко, имавте ли помош?

Уф, предизвикот е огромен. Кога само ќе се присетам на тој момент кога ја донесовме одлуката, мислам дека од овој агол сега кога би знаела низ што сè ќе поминеме, никогаш не би ја донела оваа одлука баш во тој момент во кој се наоѓавме тогаш.

Првата година беше голем предизвик за цело семејство. Сè уште не бевме финансиски целосно стабилни, дојдовме во моментот кога мислев дека Леонид го достигнал врвот на неговиот развој, а јас толку сум се лажела што тоа било само почетокот на неговото искачување, неговото патување.

Во периодот кога требаше да оди напред без да се губи време, ние се соочивме со голем предизвик.

Наместо да оди напред и да се развива, тој се врати повторно назад, затоа што тој мораше да учи нов јазик, и во тие моменти правеше отпор, не соработуваше, се соочуваше со емоционална криза која придонесе да изгуби уште една година.

hristina-od-kichevo-se-preseli-vo-shvajcarija-so-2-deca-od-koi-edno-so-zastoj-vo-razvoj-zaminavme-otkako-go-zaboravija-sam-vo-gradinka-18.jpg

Најтешко ми беше првата година на адаптација, не знаев кому му е потешко дали мене и на мојот сопруг или на моите деца. Леонид тоа го манифестираше со несвојствено однесување, а Андреј никогаш не увидов дека му е тешко.

Секогаш велеше дека му е ок, но, потајно знаеше да каже колку му фали Македонија и како таму има вистински другари.

Беше напорно, но сепак со упорност се постигнуваат резултати. И не се откажавме. Секое преселување си има свои предности и слабости, стравови и предизвици, но сè зависи од нас како гледаме на работите и колку сме упорни во сето она кое го имаме зацртано како цел за да го оствариме.

Да, имав помош од мојата мајка, таа помага во моментите кога нема кој да биде со децата. Тоа тука е од огромна помош кога има некој плус да се грижи за децата.

hristina-od-kichevo-se-preseli-vo-shvajcarija-so-2-deca-od-koi-edno-so-zastoj-vo-razvoj-zaminavme-otkako-go-zaboravija-sam-vo-gradinka-25.jpg

Со што се занимавате сега таму, колку слободно време имате?

Во моментов работам во приватна швајцарска компанија за производство на козметички производи. Работам 70% и имам одлично флексибилно работно време.

Паралелно сум и лиценциран читачки аниматор по македонски јазик. Уште првата година запишав курс за тоа, го завршив во рок од 6 месеци и добив сертификат.

Целиот проект оди преку невладина организација, се пријавив на конкурсот и уште од самиот старт успеав да се интегрирам и на ова поле. На месечно ниво организирам читачки анимации во градската библиотека со македонски дечиња од овој регион.

Предизвик е да се работи она што ме исполнува и да бидам во контакт со дечиња и паралелно заедно да го негуваме нашиот македонски јазик.

Тоа е и целта на овој проект, иселениците од целиот свет може да бидат вклучени во ова и преку овие читачки анимации да го негуваат својот јазик и паралелно преку приказна уште од најрана возраст, преку игра да им се покаже како може да креираат свои дела.

hristina-od-kichevo-se-preseli-vo-shvajcarija-so-2-deca-od-koi-edno-so-zastoj-vo-razvoj-zaminavme-otkako-go-zaboravija-sam-vo-gradinka-17.jpg

А што се однесува до слободното време, го имаме, затоа што направивме таква организација за времето да биде повеќе посветено во растењето на своите деца.

Морам да нагласам дека моментот со своите деца во периодот на нивното растење е повеќе од потребно ние да бидеме присутни со нив, затоа што тоа изгубено време кога сме им биле најпотребни понатака ќе се одрази на нивната изградена личност.

Поврзаноста со децата нема цена, таа е клучот за нивниот развој.

Затоа јас и мојот сопруг се одлучивме за овој чекор, да ставиме фокус и приоритет на своите деца, поголема присутност и поврзаност со нив ни дава слика дека ние сме на вистинскиот пат.

Како што нагласив имам флексибилно работно време, а со тоа и можност за менаџирање и организирање на своето време.

Буквално ако знаеме како да се организираме тогаш ќе имаме време за сè. Важни ни се подредувањата на приоритетите, и на таков начин ќе имаме време буквално за сè.

hristina-od-kichevo-se-preseli-vo-shvajcarija-so-2-deca-od-koi-edno-so-zastoj-vo-razvoj-zaminavme-otkako-go-zaboravija-sam-vo-gradinka-09.jpg

Јас секогаш станувам во 5 часот и во 4 часот наутро. И веднаш стартувам со она кое сум го подредила како приоритет за тој ден.

И многу е важно како гледаме на работите и која ни е целта. Ако сме имале цел тука да дојдеме и да работиме од наутро до навечер за да направиме многу пари, тогаш сигурно би немале време ни за себе ни за своите деца, а такви случаи тука има премногу.

Благодарна сум што јас и мојот сопруг фокусот за доаѓањето тука го ставивме врз нашите деца, и сето она што го заработуваме во овој момент ни е доволно.

Најважно ни е да го имаме мирот и да се радуваме на секој успех и секое скалило кое го искачуваат нашите деца.

Продолжува на следната страница... 



Би можело да ве интересира:

Владо Георгиев за CRNOBELO: „Јас, како маж, не треба да им викам на своите ќерки, со сопругата не им... „На скала од 1 до 10 колку сум строг како татко, би рекол 2 ха, ха. Ние татковци...
Илија од Битола, пораснал во дом за деца без родители, денес е татко на 3 деца: „Бев оставен на 1 не... „Јас завршив во дом за доенчиња и мали деца во Битола кога бев како бебе, и бев ...
Љубовната приказна на Тања Кочовска и Предраг Павловски: „Ме запроси во 5 наутро, на секоја жена ѝ п... „Предраг имаше девојка, со неа се забавуваше 4-5 години, а јас бев тогаш во екот...
Ивана Кнез за CRNOBELO: „Мајка ми, иако живее на село, ги соблекува гумените чизми, облекува потпети... „Јуле е посебна жена, во мои очи легенда. Од погон и берење праски има стигнато ...
Владо Јаневски за CRNOBELO: „Татко ми почина кога бев млад, песната што му ја посветив не ја пеам на... „Не се сметам за заводник. Јас секогаш сум требал да се помачам за девојките што...
„Учев на свеќи, во контакт сум со биолошката мајка“: Марија од Пехчево порасна во СОС Детско село - ... „Би лажела ако кажам дека целото мое детство било тешко, иако подоцна стана. Жив...

Најчитани неделава