Интервју со Даниела Христов, ембриолог: „Ни се случуваат чуда, но пациентите лажно се уверуваат дека има време – возраста е клучен фактор“
Колку време минимум треба да помине од едно до друго ин витро и дали има некој максимален број обиди? Кој е најголемиот број обиди кај некоја Ваша пациентка досега?
Минималното време помеѓу два ин витро обиди зависи од типот на циклусот и од индивидуалната состојба на пациентката.
По свеж циклус со хормонска стимулација, најчесто се прави пауза од најмалку еден природен менструален циклус за телото да закрепне.
Кај трансфери на замрзнати ембриони, паузата може да биде пократка, бидејќи нема повторна стимулација со високи дози на хормони.
Што се однесува до максималниот број обиди – формално нема строго дефинирана горна граница, но секој нареден циклус бара внимателна проценка на целокупната слика: возраста, досегашните резултати, квалитетот на ембрионите, хормоналниот статус и евентуални придружни фактори.
Често се прават приспособувања – се менува протоколот, се размислува за друг пристап, друг ден на трансфер или дополнителни анализи.
Тешко е да се даде точна бројка за „најголем број обиди“ кај една пациентка, затоа што од една хормонска стимулација и еден свеж трансфер може да се добијат и замрзнат повеќе ембриони.
При неуспех, пациентите се враќаат на повторни обиди со трансфер на одмрзнатите ембриони. Овој процес може да биде долг и да вклучи повеќе последователни трансфери, сè до постигнување позитивен тест или искористување на сите ембриони.
Доколку ни по тоа не се постигне бременост, тогаш се пристапува кон нов ин витро обид со нова стимулација – и секако, со нова надеж.
Ова патување не секогаш е кратко, напротив многу почесто личи на маратон кој бара трпение, упорност и добра соработка помеѓу тимот и пациентите.

Од што зависи успехот на ин витро оплодувањето, кој е процентот на успешни третмани?
Успехот на ин витро оплодувањето зависи од повеќе фактори и затоа не постои една бројка што важи за сите пациенти.
Најголемо влијание има возраста на жената, бидејќи квалитетот и квантитетот на јајце-клетките постепено опаѓаат по 35-та година, а уште поизразено по 40.
Важни се и други параметри:
- квалитетот и подвижноста на сперматозоидите,
- оваријалната резерва (АМХ, број на антрални фоликули),
- состојбата на матката и ендометриумот,
- хормоналниот статус,
- претходни гинеколошки или системски заболувања,
- начинот на живот (пушење, стрес, исхрана, телесна тежина),
- како и искуството на тимот и квалитетот на ембриолошката лабораторија.
Приближно, кога зборуваме за стапка на клиничка бременост по еден ембриотрансфер, на глобално ниво цифрите за успешност се:
- кај жени под 35 години: околу 45-55 %,
- од 35 до 39 години: приближно 30-40 %,
- над 40 години: често 10-20 %, со тоа што индивидуалните случаи можат да отстапуваат и во позитивна и во негативна насока.
Ин витро постапката не е гаранција, но претставува реална медицинска можност – особено денес кога техниките, лабораториската опрема и протоколите се значително усовршени и овозможуваат шанса за бременост и кај случаи каде што тоа некогаш било речиси невозможно.
Колку е важна причината за инфертилитет, кај жените или мажите, за да се продолжи со ин витро оплодување? Кои сè испитувања се потребни за да дојде до оваа фаза на оплодување, можат ли самите пациенти да одлучат дека сакаат ин витро или тоа го одлучува стручно лице?
Причината за инфертилитет е многу важна – и кај жената и кај мажот – затоа што токму од неа зависи дали воопшто е потребно ин витро, каков тип постапка ќе се избере и какви резултати можеме реално да очекуваме.
Не е исто дали се работи за блокирани јајцеводи, изразен машки фактор, хормонален дисбаланс, ендометриоза или т.н. необјаснет инфертилитет.
Секој од овие случаи бара различен пристап, различен протокол и понекогаш различен вид оплодување (класично ИВФ или ICSI).
До одлука за ин витро не се доаѓа „одеднаш“, туку по систематска дијагностика.
Кај жената, тоа најчесто вклучува: детална анамнеза, гинеколошки преглед, трансвагинален ултразвук, хормонални анализи (АМХ, FSH, LH, естрадиол, пролактин, тироидни хормони), проценка на оваријалната резерва, како и проценка на матката и јајцеводите.
Кај мажот, основа е спермограмот, а доколку има отстапувања, често се прават дополнителни испитувања (хормонални анализи, уролошки/андролошки консултации, по потреба и генетски тестови).
Пациентите не можат сами да одлучат дали ќе прават ин витро – таа одлука ја носи стручен тим од гинеколог и ембриолог врз основа на детални медицински наоди и проценка.
Ин витро не е прв чекор, туку опција на која се одлучуваме тогаш кога шансите за природно зачнување или полесни третмани се значително намалени.

Како се подготвува жената за овој процес? Кои фази ја очекуваат откако ќе се одлучи на ин витро? Накратко, како изгледа процесот на ин витро?
Кога еден пар ќе се одлучи на ин витро оплодување, најпрво следува детална подготовка на анализите што ги споменав, со цел да се утврди точната причина за инфертилитетот и да се избере индивидуален пристап, кој ќе овозможи најголем можен успех.
Процесот започнува со хормонска стимулација, која трае околу 10-12 дена. Во тој период, жената секојдневно прима инјекции за поттикнување на развој на повеќе јајце-клетки.
За време на стимулацијата, редовно се прават ултразвук и хормонски анализи за следење на фоликуларниот раст.
Кога тие ќе достигнат соодветна големина, се дава т.н. овулаторен „тригер“ кој има за цел да помогне во созревањето на создадените јајце-клетки и 36 часа подоцна се прави пункција – краток амбулантски зафат под анестезија, при кој се вадат јајце-клетките.
Потоа следува лабораториската фаза, каде што јајце-клетките се оплодуваат со сперматозоиди преку класичен ИВФ или ICSI (микроинјекција).
Во следните 5-6 дена, ембриологот го следи развојот на ембрионите и го проценува нивниот квалитет. Во зависност од ситуацијата – се прави трансфер на 3-ти или 5-ти ден од развојот на ембрионите, при што се враќа еден или два ембриона во матката.
Преостанатите квалитетни ембриони може да се криопрезервираат (замрзнат).
По трансферот, жената продолжува со хормонска поддршка (најчесто прогестерон) и по околу 14 дена се прави крвен тест за бременост (бета hCG).
Целиот процес – од почетокот на хормонската стимулација до тестот за бременост – трае околу 3 до 4 недели.
Важно е пациентките да бидат подготвени дека ин витро процесот може да биде емоционално и физички предизвикувачки.
Можни се нуспојави од хормонската терапија, како надуеност, замор, промени во расположението, па дури и оваријален хиперстимулациски синдром (ОВХС), во ретки случаи.
Покрај физичката поддршка, неопходни се и психолошка стабилност и доверба во тимот, бидејќи целиот процес е исполнет со надеж, исчекување, но и неизвесност.
Се случува ли често ниедна од јајце-клетките да не биде оплодена? Во тој случај, кој е следниот чекор? Колку е тешко да им кажете на паровите дека обидот е неуспешен – како го прифаќаат тоа?
Да, за жал, се случува – иако ретко – ниту една јајце-клетка да не се оплоди. Тоа е еден од најтешките моменти и за нас, а особено за пациентите.
Причините може да бидат многу – од квалитетот на јајце-клетките или сперматозоидите, до нешто што едноставно не можеме однапред да го предвидиме.
Во таков случај, правиме детална анализа – што се случило и што можеме да промениме. Најчувствителниот дел од нашата работа е моментот кога треба да им соопштиме на пациентите дека исходот не е оној што го посакувале.
Тоа се тешки разговори, во кои навистина нема „совршени зборови“. Пациентите реагираат различно: со тага, вина, разочараност или чувство на безнадежност.
Но со внимателен и професионален пристап, најчесто успеваме заедно да го пренасочиме фокусот – од неуспехот кон следната можност.
Ин витро постапката ретко е праволиниско патување. Понекогаш токму од неуспесите учиме најмногу: анализираме што може да се промени, го приспособуваме протоколот и со секој нареден циклус стануваме поинформирани и чекор поблиску до посакуваната цел.
Кои услови се потребни за успешно оплодување? Колку возраста на пациентките влијае врз оплодувањето?
Успешното оплодување зависи од повеќе фактори – здрава, зрела јајце-клетка, квалитетен сперматозоид, прецизни лабораториски услови и точен тајминг. Искуството на ембриологот, особено кај ICSI-процедурата, исто така има значајна улога.
Но, возраста на жената е еден од најважните фактори. Со текот на времето, опаѓаат и квалитетот и бројот на јајце-клетките.
Жените под 35 години имаат највисоки шанси за успешно оплодување, но по 35-тата, тие шанси почнуваат да се намалуваат, а по 40-та ризикот од генетски нестабилни ембриони значително расте.
Затоа возраста е фактор што не може да се игнорира и токму затоа навремено барање помош и проценка на фертилитетот се исклучително важни.
Нашата задача како ембриолози е да ги оптимизираме сите преостанати услови – но биолошките граници, особено кај јајце-клетките, и понатаму се најголемиот предизвик во репродуктивната медицина.
Дали жените кај нас, кои немаат витални јајце-клетки, се решаваат за донор (од земјава или странство)? Колку е оваа практика честа и колку чини „добивањето“ јајце-клетки од донор? Едноставен ли е овој процес?
Да, сè повеќе жени кај нас кои немаат витални јајце-клетки се одлучуваат за третман со донирани клетки – и тоа станува сѐ почеста и многу успешна практика.
Во нашата клиника речиси секојдневно се изведуваат вакви постапки. Соработуваме со неколку акредитирани банки од Украина и Чешка и постигнуваме одлични резултати.
Постапката е многу слична на класичното ин витро – со таа разлика што жената не прима хормонска стимулација за производство на свои клетки, туку само терапија за подготовка на ендометриумот.
Оплодувањето и развојот на ембрионите се одвиваат во лабораторија, како и во секој ИВФ-циклус.
Дали може сите оплодени јајце-клетки да се смрзнат? Колкав временски период може да се чуваат и што се случува со нив откако ќе истече времето предвидено за чување, доколку пациентката одлучи дека не сака да ги искористи?
Неоплодени јајце-клетки можат да се замрзнат по проценка на зрелоста и квалитетот, а тоа важи и за оплодените клетки – ембрионите.
Доколку ги задоволуваат критериумите за криопрезервација, се замрзнуваат и можат да се користат по еден месец, по една година или дури и по 10 години.
Чувањето на биолошкиот материјал се регулира со договор склучен меѓу пациентите и клиниката, кој се обновува секоја година.
Ако пациентите решат дека повеќе не сакаат да го чуваат материјалот, пополнуваат формулар за уништување, потпишан од двајцата партнери.
Во случаи кога договорот истекол, а пациентите подолго време се недостапни, се постапува институционално – стручна комисија на клиниката носи одлука за безбедно уништување на материјалот, согласно со сите етички и законски регулативи.
Сè се спроведува со високо чувство на одговорност и почит кон пациентите и нивниот биолошки материјал.
Затоа, континуираната комуникација и транспарентност се од суштинско значење низ целиот процес.
Со какви предизвици најчесто се соочувате во работата? Има ли нешто на што посебно сакате да укажете?
Работата на ембриологот е исклучително прецизна, одговорна и често емоционално интензивна. Секој ден се соочуваме со различни предизвици – и технички и човечки.
Еден од најчестите предизвици е непредвидливоста на биологијата. И покрај најсовремената технологија, најдобрите услови во лабораторија и целосната посветеност на тимот, понекогаш резултатите се различни од очекуваното.
Не секоја јајце-клетка се оплодува, не секој ембрион се развива правилно и не секој циклус завршува со бременост – и тоа е дел од реалноста со која мора да се справиме и ние и пациентите.
Друг предизвик е емотивниот товар што пациентите го носат со себе. Често работиме со луѓе кои имаат долга историја на разочарувања, загуби и исцрпување – и токму во тие моменти треба да бидеме и точни научници и човечки сојузници.
Она што сакам јасно да го нагласам е дека ин витро оплодувањето не е магично решение ниту гаранција за успех во првиот обид.
Тоа е процес кој понекогаш бара повеќе време, повеќе обиди и многу емоционална сила. Сепак, секој чекор – секој циклус, секоја анализа, секоја корекција на протоколот – претставува приближување до целта.
Кога по сето тоа ќе дојде до успешно зачнување и раѓање, тој момент има посебна тежина, затоа што зад себе носи години на труд, трпение и храброст.
Нашата улога е да бидеме со пациентите низ целиот овој пат – не само како стручен тим, туку и како поддршка што ги разбира нивните стравови, надежи и радост кога конечно ќе започне еден нов живот.
Како Ви влијае работата на приватниот живот? Како успевате да го одвоите едното од другото и како се справувате при неуспешни третмани, кога на некој пар повторно ќе му се срушат соништата?
Работата како ембриолог не ја оставам зад себе кога ќе излезам од лабораторијата. Колку и да се трудам да го одвојам приватното од професионалното, вистината е дека оваа професија длабоко допира до срцето.
Кога треба да соопштиш дека обидот не успеал, а знаеш колку надеж, љубов и трпение вложиле пациентите – тоа се моменти што ги носиш со себе.
Но не како товар, туку како потсетник колку е оваа работа човечка. Се справувам така што верувам во процесот. Дури и кога нема веднаш успех, знам дека нашата работа има вредност.
Се потпирам на мојата емоционална зрелост и поддршката од моите најблиски. Оваа професија ме научи на сочувство, трпение и длабока почит кон секој почеток на живот.
А кога ќе стигне фотографија од родено бебе, свесна сум дека секој тежок ден, секоја дилема и секој напор навистина вределе.
Порака до сите парови што се борат со неплодност...
До сите парови што се соочуваат со неплодност – сакам да знаете дека не сте сами.
Неплодноста е медицинска состојба, не е вина, не е казна и не е нешто од кое треба да се срамите.
Вашата болка е вистинска, а вашата борба – храбра. Барањето помош не е слабост, туку израз на љубов кон животот што сѐ уште не е роден, но кој длабоко го посакувате.
Бидете информирани, поставувајте прашања, зборувајте за стравовите и дилемите – стручниот тим е тука да ве води низ процесот, со реални очекувања и човечка поддршка.
Патот понекогаш е подолг и со повеќе обиди, но секој чекор ве приближува до сонот за семејство.
Вие не сте сами во таа борба – зад вас стои тим што верува во вас и ја дели вашата надеж. Заедно ќе се избориме за саканата цел.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело