Интервју со Даниела Христов, ембриолог: „Ни се случуваат чуда, но пациентите лажно се уверуваат дека има време – возраста е клучен фактор“
- Детали
- четврток, 08 јануари 2026
„Пациентите не можат сами да одлучат дали ќе прават ин витро – таа одлука ја носи стручен тим од гинеколог и ембриолог врз основа на детални медицински наоди и проценка. Возраста на жената е еден од најважните фактори. Жените под 35 години имаат највисоки шанси за успешно оплодување“ - ембриологот Даниела Христовска за CRNOBELO.com ја опишува работата и целата постапка за ин-витро.

Даниела Христов е ембриолог која детално ја опишува работата на ембриолозите, кажува кои се најголемите грешки на паровите кои се борат со неплодност, но ја опишува и детално постапката за ин-витро.
За CRNOBELO.com Даниела го открива целиот процес и разјаснува работи кои можеби досега не ви биле познати на оваа тема:
Што е работата на ембриологот? Што точно се случува во лабораторијата за време на вештачкото оплодување?
Работата на ембриологот е исклучително невидлива, но длабоко значајна.
Таа не се одвива пред очите на јавноста, туку во мирната и стерилна атмосфера на лабораторијата со придушено светло и тивка музика, каде што секое движење е внимателно, секоја одлука прецизна, а секој момент – полн со надеж.
Во тие микроскопски светови, каде што клетките се спојуваат првпат, започнува едно потенцијално патување до нов живот.
Како ембриолог, јас ги примам јајце-клетките и сперматозоидите и го правам првиот чекор кон создавање ембрион – од нивна обработка, оплодување, следење на развојот ден по ден, па сѐ до подготовка за трансфер или замрзнување.
Секој ембрион е потенцијално бебенце и затоа моја задача е да му овозможам најдобри услови за да продолжи понатаму.

Дали во Вашата работа се вклучени емоции или го гледате процесот од професионален и научен аспект? Како го доживувате Вие целиот процес секојпат кога работите и сте сведок на најраните фази на човечкиот живот и буквално создавате живот?
Да, мојата работа дефинитивно вклучува емоции – не можам да ја гледам исклучиво низ студен научен објектив.
Секако, постои професионален аспект кој е многу важен – морам да бидам прецизна, рационална и аналитична, особено кога станува збор за одлуки што влијаат врз исходот на еден ИВФ-циклус. Но паралелно со тоа, секогаш постои и длабока човечка емоција.
Секојпат кога го правам оплодувањето и ќе ја видам првата клеточна делба – чувствувам восхит. Тоа не е само наука. Тоа е почеток на нечиј живот. Момент кога од нешто невидливо за обичното око, започнува приказна која можеби ќе прерасне во нечие дете, нечија иднина, цел еден свет.
Чувствувам длабока одговорност и голема чест што сум дел од овој процес. Знам дека за многу парови, оваа надеж за живот е светлина по долг и тежок пат.
Кога ќе успееме – кога ќе има позитивен тест, срцева акција или родено бебе – тогаш тие емоции се незаменливи.
Секоја солза радосница на родителите ме потсетува зошто ја сакам оваа работа.
Сте имале ли некогаш момент кога се случило чудо и ги надминало Вашите очекувања и правилата на медицината?
Да, имало моменти што навистина може да се наречат чуда – кога животот се појавил токму таму каде што медицината веќе кажала „нема шанси“.
Тоа се приказни што засекогаш остануваат во срцето и се мотивација при секој неуспех. Ќе споделам една: кај пациент со тешка дијагноза на отсуство на сперматозоиди во ејакулатот (азооспермија), направивме тестикуларна биопсија.
Шансите да најдеме сперматозоиди беа минимални. Секоја капка материјал беше бесценета. Часови под микроскоп – и ете го, еден жив сперматозоид... па уште еден.
Со тие неколку сперматозоиди ги оплодивме клетките, создадовме ембриони и на крајот – се роди здраво бебе. Таквите моменти се моето „гориво“. Тие ме потсетуваат дека сè додека постои и најмал знак на живот – вреди да се бориме.
Кои се најголемите невистини или лажни верувања во кои се убедуваат луѓето во врска со ин витро оплодувањето?
Едно од најчестите лажни верувања е дека „има време“. Многу парови предолго чекаат да побараат помош, верувајќи дека сè ќе се случи природно.
Но времето е клучен фактор – со возраста, квалитетот на јајце-клетките и сперматозоидите опаѓа, а шансите за успех се намалуваат.
Постојат верувања како „не успеа затоа што докторот не е добар“ или „има подобра лабораторија некаде“.
Но вистината е дека сите лаборатории работат со иста цел – да помогнат парот да добие бебе. Понекогаш, разликата не е во тимот или технологијата, туку едноставно во биологијата и среќата на циклусот.
И уште една важна нејаснотија – идејата дека „докторот ми го направи бебето“. Ин витро е тимска работа.
Гинекологот и медицинската сестра ја водат медицинската подготовка, но ембриологот е оној што го создава, негува и враќа ембрионот назад во матката. Тоа е невидлива, но пресудна улога во раѓањето на новиот живот.

Работите ли директно со пациенти? Како се справувате со емоционалната комплексност од работата со пациенти што се соочиле со толку неуспешни обиди и неплодност и ја загубиле вербата?
Иако најголемиот дел од мојата работа се одвива во лабораторија, да – работам и директно со пациенти, особено во клучни моменти: кога ги објаснуваме резултатите, разговараме за квалитетот на ембрионите, ги планираме следните чекори или сме непосредно пред ембриотрансфер.
Се среќавам со парови што зад себе имаат повеќе неуспешни обиди, разочарувања и неизвесност. Во такви ситуации, мојата улога е да бидам јасна и искрена – да објаснам што можеме реално да очекуваме, кои се опциите и кои се медицинските факти, без да ја минимизирам нивната емоција.
Трудот е да се најде баланс помеѓу емпатија и професионална дистанца, за да можам да донесувам објективни одлуки во лабораторијата.
Свесна сум дека информираниот пациент полесно се справува со целиот процес. Затоа Клиничката болница „Аџибадем Систина“ започнува со бесплатни едукативни предавања, каде што пациентите ќе можат директно да се информираат за целата постапка на ин витро, да ги разјаснат сите заблуди и нејаснотии за инфертилитетот и да поставуваат прашања до тим составен од гинеколог-специјалист за неплодност и ембриолог. Верувам дека транспарентната комуникација и точните информации се важен дел од поддршката што им е потребна на овие пациенти.
Колку животниот стил на пациентите игра улога во третманите за плодност? Што би ги советувале пациентите? Може ли некако да влијаат врз тоа?
Животниот стил има значајно влијание врз плодноста и успехот на третманите – и тоа е аспект што не треба да се занемари.
Ние како стручни лица го даваме максимумот во лабораторијата, но организмот на пациентката е оној во кој треба да се оствари имплантација, бременост и здрав развој.
Мојот совет обично започнува од основите:
- урамнотежена и нутритивно квалитетна исхрана,
- доволно сон,
- умерена физичка активност,
- избегнување на пушење, прекумерен алкохол и хроничен стрес.
Телесната тежина исто така е важна – и прекумерната и премалата тежина можат да го нарушат хормоналниот баланс и да влијаат врз менструалниот циклус, овулацијата и квалитетот на јајце-клетките.
Тоа важи и за мажите: квалитетот на ејакулатот е чувствителен на животни навики, исхрана, изложеност на висока температура, тесна облека, како и на стрес.
Пациентите треба да знаат дека, иако медицината и технологијата се развиени, дел од подготовката за третманот е и во нивни раце.
Мали промени во секојдневието можат да ја подобрат општата состојба на организмот и да создадат подобри услови за успех на третманите за плодност.