Љубовната приказна на Бомбакис и Вики: „Таа ми пиша прва, ја запросив по два месеца“
- Детали
- понеделник, 22 декември 2025
„Не чекав многу да ја запросам, а и не верувам во она ‘Ај да најдам работа, па чекај стан, па да се обезбедам, па кола’, па така ќе поминат 20 години и што си направил? Ништо… Вака одма и после заедно ќе создаваме цел живот“, ни раскажа Бомбакис за љубовта со сопругата Вики.

Кристијан Станковски Бомбакис (34) веќе две и пол години е во среќен брак со сопругата Вики (34), наставничка по англиски јазик.
Парот има две ќерки, Бисера и Јована, а тие, заедно со сопругата, за Бомбакис се целиот негов свет.
Откако неодамна за CRNOBELO.com раскажа за ќерките и предизвиците кои ги носи татковството, Кристијан овој пат ни ја раскажа и неговата љубовна приказна со Вики.

Прочитајте го интервјуто со Бомбакис:
Како се запознавте со сопругата?
Се запознавме во лаунџ бар во Кисела Вода, а пред тоа на Инстаграм, класика у денешно време.
Па искачавме некој период, па мене ме снема пошто главата ми е хаос како по обичај, па после викам ‘Чекај може да ја изгубам златната шанса’, башка сум ги поминал тие искачања и дружби со другари и мислам дека е редно време да се приберам, да пробам да направам семејство за кое цел живот сум мечтаел.

Кој го направи првиот чекор?
Таа го направи првиот чекор.
Ми пиша, секоја чест, а пошто ми пишуваат многу луѓе не мислев ништо сериозно.
Исто како на сите што им враќам од култура, ама после се задлабочи муабетот и ете…

Со што те освои Вики?
Со тоа што е добра, фина, нормална и одлично воспитана што ретко се наоѓа тоа во денешно време, пошто знаеме сите дека сè е од корист, од интерес и дека материјалните работи преовладуваат.
И затоа не сакав да пропуштам ваква шанса.
Сите можеме да бидеме убави од надвор ама ретко кој е убав однатре.

Како ја запроси и после колку време заедно? Ѝ подготви ли некакво изненадување?
Па после два месеци ја запросив.
Искрено, не чекав многу, а и не верувам во она ‘Ај да најдам работа, па чекај стан, па да се обезбедам, па кола’, па така ќе поминат 20 години и што си направил? Ништо…
Вака одма, и после заедно ќе создаваме цел живот.
Инаку, на плажа во Грција ја запросив, со картон на кој пишуваше „Ај сега кажи си ДА”.
Не знаеше никој, отидов со кумот, и во договор со брат ѝ на Вики, направиме сè да биде како што треба.