Христина Митрашиновиќ, наша балерина, за CRNOBELO: „10 причини зошто си ја обожавам професијата“
- Детали
- сабота, 17 јануари 2026
„Леснотијата што публиката ја гледа е резултат на години труд, повторувања и болка. Токму таа трансформација од напор во убавина е суштината на балетот“, вели Христина Наќевска Митрашиновиќ (30), балетски солист во Националната опера и балет, која веќе 11 години активно настапува.

Христина Наќевска Митрашиновиќ (30) e балетски солист во Националната опера и балет. Веќе 11 години активно настапува на македонската сцена и надвор од неа, учествувајќи во сите значајни балетски продукции на националниот репертоар.
Во текот на нејзината кариера има играно бројни први улоги меѓу кои Китри во „Дон Кихот“, Аурора во „Заспаната убавица“, „Есмералда”, „Пепелашка”, „Валпургиска ноќ“, како и Клара во „Оревокршачка“.
Таа искрено вели дека ја обожава својата професија и дека да може да бира одново, повторно би ја избрала неа.
Причините поради кои Христина ја обожава својата професија:
1. Дисциплина
Балетот ме научи дека ништо вистински вредно не доаѓа лесно.
Дисциплината не е ограничување, туку темел врз кој се гради слободата. Таа ја обликува мојата работна етика и надвор од салата и сцената.

2. Сцената
Сцената е местото каде што постојам најискрено. Таму времето застанува, а телото и музиката стануваат едно.
Секое излегување пред публика е момент на целосна присутност.

3. Израз без зборови
Балетот ми овозможува да зборувам преку движење. Емоциите што не можат да се кажат со зборови, добиваат форма преку телото и стануваат разбирливи за секој што гледа.

4. Постојан напредок
Во балетот нема крајна точка. Секој ден е нова можност да бидам подобра од вчера — технички, уметнички и ментално.

5. Ментална сила
Балетот ме научи на трпение, фокус и истрајност. Да продолжиш и кога телото е уморно, а умот се сомнева, е една од најголемите лекции што ми ги дал.

