Андријана од Скопје е стјуардеса и мајка на 2 деца: „Имам трема кога семејството лета со мене, но и горда сум“
- Детали
- сабота, 24 јануари 2026
„Непочитување инструкции, нетрпение и игнорирање на безбедносните правила од страна на патниците е нешто што најмногу го оптоварува екипажот“, вели стјуардесата Андријана Манојловска за CRNOBELO.com.

Андријана Манојловска (35) е дипломиран економист од Скопје, а зад себе има 10 години работно искуство во авијацијата како стјуардеса.
Низ годините посетила многу дестинации, но за CRNOBELO.com, Андријана вели дека работата е многу повеќе од само патувањата.
„Професијата ме научи на дисциплина, емпатија, трпение и, можеби најважно, како да останеш смирен кога околу тебе сè е во движење“, вели таа во интервјуто.

Андријана е и мајка, која успева да најде баланс помеѓу семејството и работата, а за тоа како ѝ успева ова, што ѝ пречи најмногу кај патниците во авионот, но и каква е таа кога е само патник во авионот (и дали ги „оценува“ колегите), ни раскажа низ разговорот.

Ова е нејзиното интервју:
10 години во авијацијата - како го одбележа јубилејот?
Јубилејот не го славев со голема забава, туку повеќе тивко и лично. Со многу мисли, флешбекови и благодарност.
Кога ќе погледнам назад, сфаќам дека тоа не се само 10 години летање, туку 10 години растење – од млада девојка полна со соништа, до жена, мајка и професионалец што знае колку тежат одговорноста и довербата што ти се дава секој ден во воздух.
И пак ќе кажам, не ме држи гравитација, ме држат 10 години искуство, љубов и многу кафе.


Што те поттикна да работиш како стјуардеса?
Ме привлече чувството на постојано движење – не само физички, туку и животно.
Идејата дека секој ден си на друго место, меѓу различни луѓе, дека го гледаш светот од перспектива која не им е достапна на сите.
На почетокот тоа беше љубовта кон патувањето и динамиката, но многу брзо сфатив дека оваа работа не е гламур, туку одговорност.
Професија во која си таму за луѓето токму во моментите кога им е најпотребно и со време сфатив дека најубавиот дел од оваа работа не е каде одиш, туку чувството дека си направил нечие патување поубаво.


Тренинзи и обуки - што е најважното што се учи?
Обуките се интензивни, строги и ментално исцрпувачки.
Се учи сè – од технички и безбедносни процедури, до психолошки пристап кон патници.
Најважната лекција е дека смиреноста спасува ситуации, а безбедноста не е тема за компромис.
Сè друго - изгледот, сервисот, насмевката - доаѓа после тоа.

