Андријана од Скопје е стјуардеса и мајка на 2 деца: „Имам трема кога семејството лета со мене, но и горда сум“
Кои квалитети треба да ги има успешна стјуардеса?
Смиреност, емпатија, флексибилност, чувство за хумор и способност да читаш луѓе.
Кај себе најмногу ја препознавам способноста да останам прибрана во хаос и вештината да „гасам пожари“ со насмевка - и буквално и метафорично.


Соработка со екипажот
Во авион нема „јас“, има само „ние“. Екипажот функционира како мал систем каде секој мора да му верува на другиот.
Добрата комуникација и почитта се клучни затоа што од нив зависи текот на целиот ден како и безбедноста на сите.


Предизвици и моменти што се паметат
Предизвици има секој ден - умор, долги смени, патници со различни очекувања.
Но има и моменти што ја прават оваа работа посебна: детски насмевки, патници кои првпат летаат и ја држат раката цврсто на потпирачот, искрени зборови благодарност по слетувањето.
Имало и ситуации за кои долго се зборува - како раѓање бебе на лет на Wizz Air.
Не беше лет од Скопје, но самата помисла дека нов живот започнал токму во авион е момент што засекогаш останува како симбол за тоа колку непредвидлива и човечка може да биде оваа работа.


Баланс помеѓу работа и приватен живот
Ова е најкомплексниот дел. Не постои совршен баланс, но постои свесен избор.
Научив дека не мора секогаш да сум 100% насекаде – важно е кога сум дома, да сум навистина присутна.
И искрено, без силната поддршка од мојот сопруг, оваа работа би била „невозможна мисија”.
Тој е човекот што држи сè под контрола дома, додека јас сум на небо.


Работата и мајчинството
Мајчинството од друга страна ме направи поорганизирана, поемпатична и посвесна за сопствените граници. Со две деца, приоритетите се поинакви.
Работата е иста, но не и јас – и тоа е убавата страна на растењето.

